Македонија
31. March 2016 - 13:20

СОНК: МТСП не упишува легитимни раководства на синдикални организации

Повеќе од четири месеци надлежните во Министерството за труд и социјална политика не вршат упис на легитимно избрани раководства во синдикални организации на Самостојниот синдикат за образование наука и култура (СОНК) иако за тоа до нив е доставена сета потребна документација, со што се попречува синдикалното организирање и дејствување, обвинија денеска од Синдикатот. Најавија дека доколку проблемот не биде наскоро решен ќе ги известат меѓународните синдикални организации на трудот чија членка е овој Синдикат.

Оттаму појаснуваат дека во истиот период, според податоците од Централниот регистар, без никакви проблеми се регистрирани десетина синдикални организации од други синдикати. Очигледно е, велат од СОНК, дека МТСП има селективен пристап за синдикални организации кои можат да се процесуираат и регистрираат.

- Потсетуваме дека од министерката Фросина Ташевска Ременски беше побарано да се достават сите 38 синдикални организации, а кои досега не биле побарани за ваква промена. Но, и покрај тоа што СОНК преку неговите синдикални организации ги достави бараните документи од неразбирливи причини и понатаму состојбата не е променета во врска со овој проблем, истакна на денешната прес-конференција Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Појасни дека според законските одредби, за вршење промени на раководставата на било кое ниво, синдикатот е должен да достави соодветна пропишана документација до МТСП и врз основа на неа ова Министерство како законска обврска треба по пропишана процедура да ја достави до Централниот регистар на Република Мкаедонија за да се изврши упис на промена.

- Поради тоа што промената не е направена практично нема легитимно раководство на синдикалните организации. Тоа значи дека во Централниот регистар се уште фигурираат имиња на кои им е истечен мандатот и дека таа синдикална организација практично не може да функционира бидејќи нема легитимно раководство, а од друга страна не може материјално финансиски да опстојува бидејќи нема легитимен потписник кој може да раководи со тие средства, истакна Неделков.

Додаде дека исто така не може да се користат ниту средствата од синдикалниот фонд кој, како што рече, нуди помош и поддршка на членовите на синдикатот.

Од СОНК најавија дека доколку овој проблем не биде разрешен ќе бидат преземени други легитимни средства, вклучително и известување на Интернационалата за образование и Европската конфедерација за образование, како и Меѓународната организација на трудот.

Од СОНК забележуваат и што министерката Ташевска Ременски во периодот во кој е на функција не го свикала Економско-социјалниот совет.