СОНК и Владата преговараат – Ќе продолжи ли штрајкот и од понеделник?
Два дена пред стартот на нова работна недела, неизвесно е дали децата ќе се вратат во градинките и училиштата.
Во пресрет на нова рунда преговори викендов, ниту од Владата ниту од СОНК нема детали по ова прашање. И двете страни не отриваат дали има напредок во преговорите и кога точно ќе седнат повторно на маса, ниту се знае дали Владата понудила конкретен предлог кој би бил прифатлив за наставниците и негувателите.
Во владиното соопштение кое и не се разликува многу од вчерашното, пишува дека дијалогот со синдикатот продолжува, а деновите треба да утврди процентот за зголемување на платите кое ќе се испланира и потенцијало реализира со ребалансот на Буџетот.
Владата и претседателството на СОНК остануваат во комуникација за да се најде заемно прифатливо и достоинствено решение за одредено зголемување на платите во образованието и предучилишното воспитување и згрижување.
На вчерашниот состанок е договорено да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.
Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот, велат од Владата.
И од владејачката СДСМ се обидуваат да ја смират ситуацијата. Велат раст на платите ќе има, но неопходно е просветните работници да се вратат на работа.
Од друга страна, лидерот на опозицијата Мицкоси посочи дека притисоците на вработените се режирани од Владата и ги повика надлежните и меѓународната заедница да постапат.
Неговата изјава следи по реакции на СОНК, дека на терен се вршат притисоци, односно откако вчера градинка во Ѓорче осамна ичкртана со написи СОНК убијци на деца.
Синдикатот кој бара зголенување на платите за 18,4 проценти, штрајкува од понеделникот.
-
Елена Милошевска Јакимовски
Сите содржини од овој новинар