Македонија
3. September 2019 - 19:35

СОНК и Владата ќе преговараат за висината на платата по предупредувачкиот штрајк

До крајот на неделава Министерството за образование и СОНК ќе го одредат датумот за продолжување на преговорите за дополнително зголемување на платите на просветарите. Министерот Адеми вели дека во Влада има волја за исполнување на барањата на синдикатот, но треба да се разгледаат сите податоци.

-Мислам дека на конструктивен начин ќе продолжиме и во перидот што ни претстои. Така што ќе ги разгледаме сите параметри на конструктивен начин, на рационален начин ќе ги согледаме сите податоци и заеднички ќе одлучиме за идното покачување во дејноста образование, рече министерот за образование и наука, Арбр Адеми.

Владата останува на ставот дека невакцинирани деца нема да се примаат во училиште. Адеми најави и дека заедно со Здравство ќе вршат теренска вакцинација во школите. Засега нема точна информација колку деца не се запишале во прво одделение. До крајот на месецот просветниот инспекторат треба да каже колку деца немале уреден вакцинален картон.

Денеска беше првиот официјален училишен ден откако вчера СОНК одржа предупредувачки протест. Вчера дел од училиштата работеа со полн капацитет, дел воопшто не примаа деца, дел ги згрижија само првачињата, а дел и оние деца чии родители немале каде да ги остават на чување.

Претседателот Пендаровски денеска го посети ОУ „Панајот Гиновски“ во скопски Бутел, каде што и самиот учел. На учениците им порача да другаруваат со различните од нив, бидејќи според него, различноста е предност, а не хендикеп.

-Учете за да бидете најдобри. Читајте што е можно повеќе книги. Знаењето сигурно ќе ви помогне во животот, нема да ви одмогне. Меѓутоа, многу е важно, ако не и исто важно како и книгите да правите што е можно поголем круг на другари и другарки. Затоа што во животот човек секогаш е поуспешен и посреќен ако има повеќе другарчиња и пријатели околу себе, порача претседателот Пендаровски.

На наставниците им порача оценувањето да биде според заслуга и да не се строги кон децата за да не им влеат страв.