Македонија
19. November 2016 - 16:50

Сонце, дожд и темепратури под нулата - Ќе им ги помати ли времето плановите на партиите!?

Сончево преку ден, сув студ во текот на ноќта. Од понеделник партиските каравани тргнуваат низ градовите. На температури околу нулата во Охрид и слични во Прилеп ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ ќе ги стартуваат изборните кампањи. Традиционaлно од брегот на охридското езеро владеачката партија ја стартува турнејата низ Македонија, а СДСМ започнува од градот под марковите кули. Прогнозата на УХМР најавува облачно време и температури од минус 3 до 17 максимални во понеделник.  Ако не падне дожд кандидатите за пратеници ќе говорат на отворено, а ако дождот ги помати сметките партиите имаат резервирано и простор на затворено.

Освен на повисоките места, од УХМР не очекуваат снегот да им пречи на партиите до крајот на кампањата.

Во понеделник, 21 ноември, почнува дваесетдневната изборна кампања која ќе трае до 9 декември на полноќ. На изборите на 11 декември ќе учествуваат 11 политички субјекти - пет коалиции и шест партии. Право на глас ќе имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.