Македонија
14. January 2020 - 13:37

Сојуз на земјоделски здруженија: Тутунот ќе се откупи, тутунарите нема да бидат оштетени

 

Ќе се откупи сиот договорен тутун и десет проценти над договореното, како што е законски, а откупувачите ќе вршат реална процена и тутунарите нема да бидат оштетени, изјави денеска во Прилеп Методија Стомнароски претседател на Сојузот на земјоделски здруженија. Токму за ова се договарало на вчерашната средба на Сојузот со откупувачите и со земјоделскиот инспекторат во Министерството за земјоделство.

-Во Министерството за земјоделство вчера бевме на средба со откупувачите и со земјоделскиот инспекторат. Постигнат е договор дека откупувачите ќе ги преземат сите договорени количества тутун и уште 10 проценти од договореното, а процената на тутунот ќе биде таква каква што ја започнаа. Ги повикувам производителите да го носат сиот произведен род и доколку има проблем со процената, се цени нереално, тука се поверениците кои ги повикувам да пријавуваат до второстепената комисија доколку има проблем или се враќа родот на тутунарите. Во такви моменти да се стопира вагата за процена, да го повикаат Сојузот, а ние ќе го повикаме инспекторатот за да знаеме дека откупувачите се придржуваат на договореното. Нема да дозволиме ниту еден тутунопроизводител да биде оштетен при процената на родот, рече Стомнароски.

Откупувачите се согласиле дека нема да ги затвораат вагите и пунктовите на што се жалаа тутунарите од Долненско.

-Сѐ што ќе се донесе на вагата за процена, се согласија откупувачите дека нема да го враќаат назад и ќе го откупат. Откупувачите се подготвени и за дополнителните десет проценти да преземат и имаат да го платат. Не знам дали има политика во откупот, но до Нова година, линијата и процената беа одлични, преземени се 70 до 80 насто од сите количества тутун. Не знаеме што се случипо празниците со процената, затоа сме постојано во координација со откупувачите, со Министерството и со инспекторатот и затоа е битен вчерашниот договор дека нема да има проблеми во откупот на останатите 20-ина проценти од родот. Инаку, има откуп во Долненско, некои откупувачи ги презеле договорените количества. Во источниот дел од земјава откупот е речиси при крај, околу 90 отсто од количествата се преземени, а продолжува откупот во Пелагониско, објаснува Стомнароски.

По завршувањето на откупот, Сојузот за земјоделските здруженија ќе преговара со откупувачите за цените по класи за да се намали големата разлика.

-Од откупувачите ќе побараме да се коригираат цените и да се доближат од класа до класа и ќе понудиме решенија да одговараат и за тутунарите и за откупувачите и да нема проблеми како што имаше досега, вели Стомнароски.

Во моментов нема ниту еден приговор ниту е запрена некоја процена.

Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат ни рече дека динамиката на откупот е одлична и за 15 ина дена родот ќе биде откупен, а просечната цена е 222,5 денари за килограм.

– Досега се откупени, според утринските извештаи 20 500 тони од договорените 26 000 тони тутутн што е речиси 80 насто од родот. Откупувачите ги преземаат количествата. Нема официјални приговори, но главно тутунарите реагираат за количества кои им се откупуваат во втора, а требало во прва класа. Се реагира на влажноста, но тоа со мерните инструменти прецизно се одредува. Но, досега нема ниту еден приговор до второстепената комисија. Доколку тутунарите имаат забелешки, веднаш да пријавуваат. Според динамиката родот ќе се откупи за 15-ина дена, вели Шапуриќ.