Балкан
15. October 2017 - 17:29

Софија и Лондон со здружени сили за интеграција на Западен Балкан

Софија и Лондон го потврдија стретешкиот карактер на нивните билатерални односи, вклучително и во областа на одбраната и безбедноста, наведувајќи дека ќе работат заедно за европската перспектива, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. 

Заедничата соработка беше договорена на денешната средба на министрите за надворешни работи на Бугарија и Велика Британија, Екатерина Захариева и Борис Џонсон, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи. 

Захариева е на дводневна службена посета во Обединетото Кралство.

Во мај 2018 година, Бугарија ќе организира самит за Западен Балкан за време на своето претседателство со Советот на Европската унија, а неколку месеци подоцна Лондон ќе биде домаќин на средбата на земјите од Берлинскиот процес. 

- Важно е не само за Бугарија, туку и за Европа, нашите партнери и пријатели од Западен Балкан да бидат стабилни, наведе Захариева на средбата со Џонсон. 

Таа посочи, дека досега посетила пет од шестте земји, како и дека следната недела ќе го посети Косово. 

- Сите се мотивирани. Мојата порака до нив е да го искористат моментот, кога петте држави, кои го поддржуваат проширувањето, ќе преседаваат со Советот една по друга. Во истовреме, сепак треба и да ги сработат домашните задачи. 

Захариева нагласи, дека претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, недвосмислено го поддржуваат проширувањето.

- Сигурен сум дека претседателството на Бугарија ќе биде многу успешно. Тоа што го правите за Западен Балкан е многу важно за нас и ние ве поддржуваме. Треба да има евроатлантска перспектива за тие земји. Ајде да ги координираме нашите дејствија, повика Џонсон. 

Захариева од своја страна наведе дека  „за секоја земја треба да постои план за присоединување“.

- Нашето искуство покажува, дека луѓето од Балканот не сакаат повеќе да бидат разделени. Колку повеќе трае интеграцискиот процес, толку повеќе се зголемува ризикот да им ја зголемиме демотивацијата, истакна Захариева. 

Министрите за надворешни работи на Бугарија и на Велика Британија, се согласија дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан треба да се заснова на сопствените заслуги. 

- Во меѓувреме треба да им помогнеме за подобрување на поврзаноста во сите аспекти, заклучија министрите.