Македонија
10. December 2015 - 17:42

Собранието усвои неколку законски измени и дополнувања

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 74.седница констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за пробација и Предлог-законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се прифатливи и може да се дадат на натамошно второ читање.

Пратениците го усвоија и Предлог автентичното толкување на член 460 став 3 од Законот за трговските друштва.

Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик ќе се санкционираат можните злоупотреби при исплата на минимална плата, злоупотреба на октанските и цетанските броеви, се усогласува законикот со новиот систем на пробација, имплементирање на предлози од Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, како и измени и дополнувања на кривичните дела од областа на тероризмот и нивно усогласување со забелешките од четвртиот круг на евалуација од страна на Moneyval Комитетот при Советот на Европа.

Со донесувањето на Законот за пробација ќе се даде основа за создавање на нова посебна и одржлива служба за пробација која што со сторителите на кривични дела ќе постапува на еден структуриран начин во сите фази на кривично правната постапка.

Целта на Законот за пробација е преку воспоставување на рамка на еден ефективен систем на санкции во рамките на заедницата и заштитни механизми кои што ќе бидат прифатени од страна на заедницата да се обезбедат краткотрајни и долготрајни придобивки за општеството кои што ќе бидат пропорционални со стапката на криминал и ќе ги почитуваат човековите права на сите засегнати страни, а со што ќе се придонесе за зајакнување на безбедноста во општеството.

Со Законот за пробација ќе се дефинираат надлежностите на пробациската служба и начинот на реализација на активностите на оваа служба, со внимателно утврдени правила за менаџирање и управување, што ќе овозможи авторитет на пробациските службеници што во крајна линија ќе ја зголеми довербата на судиите почесто да изрекуваат алтернативни санкции и мерки.

Пробацијата треба да придонесе да се намали репресијата спрема сторителите на казнени дела преку рестриктивна примена на казната затвор, оставајќи ги осудените лица на слобода, пренесувајќи дел од одговорноста на општеството и неговите институции на пробационите служби и институции, на социјалните органи и служби и зголемувајќи го личното учество и зголемувајќи ја личната одговорност на осуденото лице за неговото општествено поведение спрема општествената заедница и останатите граѓани.

Со Законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се врши квалитативно подобрување на постојното законско решение во насока на допрецизирање на посебните уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, односно предвидување пешачки активатори за сигнал за пешаци, за регулирање на сообраќајот на пешаците и велосипедистите.

Со донесување на предложениот закон ќе се овозможи зголемување на протокот на моторниот сообраќај во периодите кога нема голем број на пешаци во сообраќајот, што ќе придонесе за поефикасно и непречено одвивање на сообраќајот на патиштата во Република Македонија. Истовремено, со предложеното решение ќе се намали и времето на чекање на пешаците на пешачките премини, во периодите на поизразен сообраќај на патиштата.

Претходно, Собранието на Република Македонија го донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование, по скратена постапка.