Собранието расправа за измените на законот за данок на личен доход
Собранието денеска во рамки на 116. седница донесе одлука дека Предлог законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението е прифатлив и го проследи на натамошно читање. Пратениците потоа продолжија со работа по дневниот ред од 123-та седница, и ги избраа Лилјана Илиевска и Илбер Руфати за нови заменици на народниот правобранител, соодветно во канцеларииите во Битола и во Кичево. Во тек е расправа по измените на Законот за данок на личен доход која треба да продолжи по редовната пауза.
Заменик министерката за финансии Ширет Елези образложи дека со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход се одложува за 36 месеци примената на прогресивниот данок за три години. Таа посочи дека ваквиот предлог се должи на извршените проверки и анализи.
Според анализите, прогресивниот данок на доход незначително ја подобрил распределбата на доходот, додека предизвикал негативни промени во однесувањето на даночните обврзници, во смисла на изнаоѓање на начини за одбегнување на плаќање на данокот. Имено дел од нив одлучиле својот доход да го префрлат во други даночни системи каде се применува пониска даночна стапка или на други лица со цел да не го надминат прагот за примена на повисоката даночна стапка и да платат повисок данок.
– За да се обезбеди понатамошно намалување на нееднаквоста преку прогресивниот данок, потребно е претходно да се изгради оптимален систем на ефикасно и ефективно прогресивно оданочување, да се намали даночната евазија, да се зајакнат механизмите за елиминирање на сивата економија и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите. Оттаму за да се исполнат наведените предуслови, се предлага прогресивниот данок на доход да се стави во мирување во следните три години, така што од 1 јануари 2020 до крајот на 2022 година доходот на граѓаните ќе се оданочува со единствена стапка од 10 отсто, а во меѓувреме ќе се работи на креирање на соодветен систем на прогресивно оданочување, земајќи ги предвид мислењата на засегнатите страни, зголемување на даночниот морал, зајакнување на довербата во институциите и намалување на сивата економија, стои во образложението на Предлог законот.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во текот на дебата забележаа зошто заменик министерката, а не министерката го образложува законот со кој се одложува примената на прогресивниот данок и обвинија дека најголеми виновници за враќање на рамниот данок е премиерот. Прогресивниот данок, кажаа не ги дава резултатите, создава правна несигурност за инвеститорите и побараа целосно укинување, а не замрзнување на три години на овие членови.
Антонио Милошоски рече жали што заменик министерката е доведена во позиција да ги брани, а потоа да ги демантира политиките на Владата која се соочува, вели, со идеолошка конфузија.
– Една од темелните проекти во програмата на СДСМ во 2014 година беше да го направиме прогресивен даночниот систем. Беше обвинувана претходната Влада дека рамниот данок е неповолен, штетен и регресивен за стопанство и дека не е добар за развојот на економијата во РМ. На СДСМ откако формира влада зедно со коалицискките партнери, му требаа 1,5 година за да направи темелни анализи за прогресивниот данок. Ви беа укажувани забелешките и недостатците не само од опозицијата туку и од стопанството, од домашни и од странскит инвеститори. Откако видовте дека самата ваша програма за промена на даночниот систем и воведување на прогресивниот данок е втемелена на погрешни факти, сега се враќате на старото решение. Но најголемата штета со овој проект е што вие како Влада воведувате голем дел од стопанството во стопанска, и економска несигурност. Ваквото повлекување денес не ги намалува консеквенците и последиците што стопанството ги претпе од вашите конфузни политики, рече Милошоски.
Неговиот колега Илија Димовски се задржа на реакциите на стопанските комори кои укажале дека најголем проблем од прогресивниот данок е екононската несигурност и на штетите што ги предизвика, а „најлудата работа“ е што, вели ова даночно решение се става во мирување.
– Сега правите уште полуда работа, го ставате во мирување во очи на избори. Владата треба да има храброст и да каже го укинуваме прогресивниот данок, затоа што компаниите кои би сакале да инвестираат во Македонија, прават анализа пет години, а една од основните позиции е даночната политика на државата, рече Димовски и посочи дека за ова треба кривично да се одговара бидејќи македонската економија изгубила милиони затоа што „деца си играат економија во државата“.
Маја Морачанин од ДОМ истакна дека е за останување на прогресивниот данок бидејќи тоа е фер и правично и води кон намалување на социјална нееднаквост во општетството.
– Затоа ние нема да го поддржиме ова замрзнување на три години на прогресивниот данок и сметам дека премногу се води сметка за бизнис секторот и тоа е добро што и Владата и Собранието изгласавме закон за финансиска поддршка на инвеститорите и домашни и странски, воведовме многу мерки со кои што им се помага на бизнис секторот, практично да можат да ја зголемат вработеноста и својот профит. Но истовремено сметам дека е фер и бизнис секторот да одвои средства за она што е општо добро, вели Морачанин.
Собранието по паузата ќе продолжи со работа по дневниот ред од 126 седница, на која се утврдени 125 точки. Пратениците кои вчера попладнето, ја завршија расправата по шест од точките, денеска ќе гласаат по нив, а потоа треба да продолжат со работа по 123 седница.
Ново на Сител
-
Реакција на Фрчкоски по прес-конференцијата на Муцунски
-
Рогов: Руските сили го освојуваат Курахов
-
Новата сириска влада ги предупреди граѓаните да не крадат јавен имот
-
Слаб снег провејува на Попова-Шапка и на преминот Пресека
-
Скопјанец нападнат од сопственик на авто сервис во Чаир
-
Охриѓанка измамена за 300.000 денари
-
Почна автобуски превоз од Тетово до Попова Шапка, градоначалникот најави поддршка за ски центарот
-
Опожарено возило во Аеродром, нема повредени