Македонија
22. December 2017 - 17:20

Собранието ја заврши расправата по дополнетиот Буџет за 2018, ќе гласа по паузата

Собранието на Република Македонија во рамки на 26. седница попладнево ја заврши расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2018 година, по кој ќе се гласа подоцна кога ќе се создадат деловнички услови. 

Според предлогот, вкупните приходи се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Според Тевдовски, Предлог-Буџетот ја покажува цврстата определба на Владата за ефикасно, домаќинско и транспарентно трошење на државните пари. 

Во Предлог-Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за  повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.

Се очекува во наредната година домашната економија дополнително да заздрави од негативните влијанија на политичката неизвесност во земјата во првата половина од оваа година. Порекцијата за реалниот економски раст за следната година е 3,2 проценти.

Значителен двигател на економскиот раст се очекува да биде приватната потрошувачка која се очекува да забележи раст од 2,8 проценти на реална основа.

На седницата на која се расправаше по дополнетиот Предлог буџет за 2018 година не учествуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Во расправата Томислав Тунтев од СДСМ истакна дека ова е третпат буџетот како најважен финансиски документ на една држава да се носи без опозиција.  - Жалосно е и празно да дебатираме доколку опозицијата не е тука за она што значи живот и опстојување на сите граѓани во РМ без исклучок, рече Тунтев. 

Според него, се работи за најважниот финансиски инструмент во нашата држава и се надеваат како парламетнарно мнозинство дека до овој момент претставниците на опозициајта ќе смогнат сили и напори да дојдат и да учествуваат во дебата за буџетот.

- Тоа е поради тоа што во Комисијата за финансирање и буџет првиот ден започна дебата по буџетот. Првпат Министерството за финансии, односно Владата прифатија шест амандмани од опозицијата. Ова е дополнет Предлог буџет за 2018 година затоа што ги содржи прифатените амандмани. Првпат зборувавме за буџет кој не се однесува на изборна година. Кој нема фиктивни бројки. Првпат започна дебата за буџет кој е ослободен од помалку продуктивни ставки или капитални расходи, односно се однесува исклучиво на капитални инвестиции кои носат, односно враќаат вредност, истакна Тунтев. 

Оцени дека предложениот буџет има развојна и социјална компонента и кој се однесува за финансиска стабилизација на РМ.

Пратениците во рамки на оваа 26-та седница попладнево завршија расправа по повеќе точки, за кои ќе гласаат подоцна кога ќе завршат седниците на собраниските комисии кои се во тек по предлози по скратена постапка. 

По гласањето за дополнетиот буџет и останатите поминати предлози пратениците ќе расправаат и по Предлогот за извршување на Буџетот за 2018 година