Македонија
23. September 2017 - 15:02

Собранието ја продолжи дебатата за законот за употреба на јазиците

Собранието на Република Македонија  шести ден расправа за Предлог-законот за употреба на јазиците, во прво читање. 

Пратениците продолжија со реплики на излагањето на пратеникот Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ во тек на собраниската расправа во текот на изминатата ноќ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторија дека законот е неуставен и треба да биде повлечен, како и дека е прекршен собранискиот Деловник со цел во пресрет на локалните избори да се реализира договор меѓу коалициските партнери од власта.

Од мнозинството, пак, истакнаа дека законот е уставен, не го нарушува унитарниот карактер на државата и ќе овозможи заокружување на Охридскиот рамковен договор. 

Петар Атанасов од СДСМ рече дека сите пратеници од албанските политички партии кажуваат дека има потреба од ваков  закон, но оти ВМРО-ДПМНЕ немале храброст да го затворат ова прашање. 

- Ајде да го затвориме последното големо прашање од Охридскиот рамковен договор и заедно да градиме една единствена заедничка мултикултурна и демократска граѓанска Македонија, рече Атанасов. 

Според Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, носењето на законот не е од практична причини за употреба на јазиците од страна на етникумите во Македонија, туку, како што рече, поради предизборниот период и она што е ветено како договор и основа за коалицирање помеѓу партиите од владејачкото мнозинство.  

Поповски, пак, повтори дека е за закон за јазици, но оти е против постапката и одлуката за негово носење од страна на парламентарното мнозинство. Од сите, како што рече, неиздржани аргументи, најмногу го загрижувал и го смета за најопасен аргументот дека Европската унија  така налага.

- Да не ја злоупотребуваме ЕУ. Ако веќе ја ставаме ЕУ во оваа корелација  не може да го избегнеме фактот дека не постои заедничка политика за јазична употреба во рамки ЕУ, рече Поповски.

Реплицирајќи му, Томислав Тунтев од СДСМ  наведе дека е факт оти ЕУ нема заедничка политика во однос на јазиците, но дека ЕУ нема ниту заедничка политика  во однос на  образованието, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ вовела екстерно тестирање виз-а-ви европските искуства. Значи, потенцираше, ние можеме  да ги земаме искуствата без оглед дали ЕУ има или нема заедничка  политика затоа што ЕУ како заедница на независни суверени држави решила кои  ќе се областите за кои ќе има заедничка политика. Очигледно ова не е, но тоа не значи дека не е регулирано во тие држави. Напротив, Белгија, Финска, Естонија, Франција, Шпанија, Италија.. секаде се модели каде на еден или на друг начин го регулираме ова прашање, но таму немало конфликт во 2001 година и Рамковен договор во чии рамки се движиме овие години, рече Тунтев. 

Во бројните реплики на Поповски од неговите сопартијци, меѓу останатото беа упатени критики за финансиските импликации на законот, кој, според нив, е дискриминаторски во однос на другите малцински заедници.  Македонија, како што наведоа, со овој закон ќе биде единствена унитарна држава која ќе донесе закон за употреба на два службени јазика без за тоа да има реална основа. 

Расправата за Предлог законот за употреба на јазиците ќе продолжи по редовната попладневна пауза на пратениците.