Бизнис
22. December 2017 - 18:41

Собранието го донесе Буџетот за наредната година

- Собранието на Република Македонија во рамки на 26. седница попладнево со 62 гласа „за“ ниту еден против и воздржан го донесе Буџетот за 2018 година во кој вкупните приходи се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.
 
Според министерот за финансии Драган Тевдовски, Буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.
 
Буџетот, како што рече министерот, ја покажува цврстата определба на Владата за ефикасно, домаќинско и транспарентно трошење на државните пари. 
 
Во Предлог-Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за  повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.
 
Во Буџетот за 2018 година за исплата на плати се проектирани 27,1 милијарда денари, каде се предвидени зголемувањето на платите за припадниците на АРМ за 10 отсто од јануари и за пет проценти зголемување на платите од октомври на здравствените работници и вработените во основните и средни училишта и градинките. За стоки и услуги проектирани се 17,6 милијарди денари, за социјални трансфери 98,8 милијарди денари, за правата од социјална заштита се планирани осум милијарди денари, каде се вклучени и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари, за капиталните инвестиции се издвоени 24,1 милијарда денари и тие се повисоки за 3,2 проценти од 2017 година. За здравствена заштита се плаирани 28,3 милијарди денари, за капитални инестиции се наменети 24,1 милијарда денари и се повисоки за 3,2 проценти во однос на 2017 година. 
 
Буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари и 22,7 милијарди денари за отплата на стари долгови ќе бидат потребни 40,9 милијарди денари кои државата ќе ги обезбеди преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
 
Министерот истакнува дека намалувањето на дефицит е најдобар одраз на опредеблата на Владата за постепена фискална консолидација  која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда.
 
- Цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото, потенцира министерот. 
 
Се очекува во наредната година домашната економија дополнително да заздрави од негативните влијанија на политичката неизвесност во земјата во првата половина од оваа година. Порекцијата за реалниот економски раст за следната година е 3,2 проценти.
 
Значителен двигател на економскиот раст се очекува да биде приватната потрошувачка која се очекува да забележи раст од 2,8 проценти на реална основа.
 
На денешната седница на која Собранието расправаше и го донесе буџетот за 2018 година не присуствуваа патениците од ВМРО-ДПМНЕ.
 
По гласањето за буџетот Собранието продолжи со 21 седница.