Македонија
18. November 2022 - 16:36

Собранието ги усвои измените, студентите ќе добиваат студентски оброк од 120 денари

Измените на законот за субвенциониран оброк го поминаа собранискиот филтер. Со 58 гласа за пратениците изгласаа, студентите до март следната година да земаат по 120 денари дневно или 2.400 денари секој месец пари за оброк, а потоа да се најде друго системско решение за студентите, односно да добиваат послебни платежни картички со кои ќе може да купуваат храна во одредени локали.

Од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано за измените на овој закон. Велат 120 денари не се доволни за студентите во ек на криза и бараат висината на субвенционираниот оброк да се зголеми на 160 денари. Според пратеникот Бојан Стојановски, владејачкото мнозинство со гласањето на овие измени нема конкретно решение за студентите, односно купува само 5 до 6 месеци време.

Од СДСМ велат треба да се има предвид кризата во која се наоѓа земјава, но сепак планираат да ги зголемат средствата за студенски оброк понатаму.

Со гласањето на овие измени ќе им се исплатат средствата  на студентите за половина месец септември и месец октомври.