Свет
11. July 2016 - 11:53

Соботка ќе се рекандидира за партиски лидер ако партијата успее на локалните избори

Актуелниот претседател на чешката Влада Бохуслав Соботка повторно ќе се кандидира за лидер на Чешка социјалдемократска партија (ЧССД), доколку партијата оствари успешни резултати на регионалните и сенаторските избори наесен, јави дописникот на МИА од Прага.

- Што се однесува до мене, се зависи дали ќе имаме поддршка од гласачите. Доколку таа биде доволна, идната година повторно ќе се кандидирам за претседател на партијата и ќе сакам да ја водам до следните парламентарни избори, изјави Соботка за локалните медиуми, не сакајќи да ја дефинира „успешноста“ во проценти и бројки.

Според актуелните анкети, најголем конкурент на ЧССД на изборите би бил коалицискиот партнер АНО на вицепремиерот и министер за финансии Андреј Бабиш.

За Соботка, на изборите во октомври, миграцијата нема да биде главна тема со оглед на тоа што се работи за избор на локални претставници.

Најголемата владејачка партија во врска со претседателските избори во 2018 година, се уште нема истакнато кандидат и ги остава отворени двете можности, да истакне свој претставник или да поддржи друг кандидат.