Македонија
4. February 2019 - 16:22

Со зоља пукано во кафуле во Мавровка

Проектил бил испукан ноќеска во локал во трговскиот центар Мавровка во Скопје. Во инцидентот нема повредени, но од силната детонација е причинета материјална штета врз неколку дуќани.

Угостителски објект не работел во моментот кога бил испукан проектилот. Вработените во околните продавници велат дека информацијата за инцидентот ги затекнала изутрината.   

Во Мавровка никој не сакаше да зборува за синоќешниот инцидент, во кој, според полицијата, врз угостителскиот објект е пукано од рачен ракетен фрлач.

МВР засега нема информации која е причината од проектил од таканаречената “зоља” да заврши во угостителски објект. 

„На 4-ти февруари околу 01.35 часот пријавено е дека во угостителски објект на булеварот Крсте Мисирков во Скопје, кој во тоа време не работел, бил испукан проектил од рачен фрлач. Повредени лица нема. Според пријавеното, оштетени се стакла од објектот, како и од околните дуќани. Извршен е увид и се работи на расчистување на случајот“

Првичните информации за инцидентот беа дека во Мавровка биле поставени две експлозивни направи, но само едната се активирала, а по интервенција на полицијата, другиот експлозивен уред бил деактивиран.