Македонија
31. January 2023 - 16:32

Со законски измени ќе се наоѓа начин да се обезбеди поевтин лек за болните од цистична фиброза

Во пресрет на протестот на пациентите со Цистична фиброза во сабота пред Владата, премиерот најавува дека здравствените институции прават напори за обезбедување на лекот кој го бараат. Ковачевски изјави дека ако треба ќе подготват и законски измени за да може терапијата да се набавува директно од единствениот производител, а не преку добавувачи. Премиерот потенцираше дека лекот е многу скап. Набавките ќе бидат во рамки на буџетите на Детска и Пулмологија, но не кажа дали ќе има за сите 60-тина пациенти, за што годишно се потребни околу 20 милиони евра.

- Треба и да се провери дали терапијата одговара за сите пациенти, ако треба ќе се направат и зкаонски измени и лекот директно да се набавува од производителот, а не преку трговци кои на највисоката цена ставаат и маржа и добиваат исклучително висока цена, рече Премиерот Димитар Ковачевски.

Од Асоцијацијата за цистична фиброза се категорични дека современа терапија треба да добијат сите пациенти и таа да биде постојана. Од протестот ќе отстапат само ако добијат на писмено дека Властите стапиле во контакт со производителот и гаранција дека ќе го добијат лекот.

- Мора да имаме официјално дека лекот ќе го добиеме,само во тој случај можеме да го одложиме или да не го одржеме протестот, изјави Фики Гашпар од Асоцијацијата за Цистична фиброза.

Протестот на пациентите со Цистична фиброза и нивните роднини, пријатели и граѓани кои им даваат подршка ќе се одржи во сабота точно напладне пред Владата.