Македонија
21. December 2021 - 12:24

Со вечерни инспекции Струмица ќе се бори со дивите депонии

Струмица воведе двосменско работење на комуналната инспекција. Ова е само еден од чекорите кои локалната самоуправа ги презеде за да ја спречи појавата на дивите депонии кои со години се еден од најгорливите проблеми во општината. Ваквата одлука е донесена врз основа на анализите кои покажале дека одлагањето на сметот на несоодветни места се прави токму во доцните попладневни и вечерни часови, период кој до сега не беше покриен со надзор од овластени лица.

Од Јавното комунално претпријатие Комуналец кои во изминатите 11 месеци на територијата на општина Струмица исчистиле 92 диви депонии велат дека новиот начин на работа веќе почнал да дава ги дава првите ефекти. Зачестените контроли  во вечерните часови резултирале и со откривање на неколку граѓани кои се обиделе отпадот да го фрлат на места што не се таа намена.

Проблемот со дивите депонии општината ќе го решава во неколку фази. Освен двосменското работење на комуналната инспекција и редарите останува и редовното генерално чистење со механизацијата на комуналец. Во втората фаза планирано е да биде вклучена и механизацијата на градежните компании пред се за расчистување на цврстиот отпад. Третата фаза ги опфаќа и граѓаните кои преку личен пример треба да помогнат во кревањето на свеста и конечно надминување на овој проблем.