Македонија
14. January 2016 - 19:32

Со Василичарско оро и палење на маските заврши Вевчанскиот карневал

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани, попладнево заврши Вевчанскиот карневал.

Зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, инспирирани од актуелните случувања изминатата година денеска ги посетија вевчанските семејства каде што има име Васил, Василиј и им ги честитаа имендените. Во утринските часови, пак, традиционално заедно со членови од семејствата беа на Вевчанските извори полнеа вода со која го правеа вевчанскиот кашаник со паричка.

Вевчани изминатите два дена претставуваше отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, но и туристи од земјава и странство. Меѓу највпечатливите маски на годинашниот карневал беа милитантната терористичка организација Вевчански - ИСИС, прислушкувањето и странските разузнавачки служби, тајната фабрика за лични карти, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со тимот, професорката Тања Каракамишева. Се исмејуваа и актуелните политички случувања, владини проекти, опозициски гафови. Не помалку внимание привлекоа и маските на познатиот светски готвач Џејми Оливер, чудовишта, вампири, пекари, слаткари..., а не изостанаа и шегите за „облечените“ палми и македонската мисица Дунавка Трифуновска.

Многубројните гости повторно ја доживеаја 15 вековната магија, во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Тие уживаа во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија на василичарите. Карактериситчно за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои олицетворение на злото и двајцата глупи Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар. ББС минатата година Вевчанскиот го прогласи за најдобриот пагански карневал во светот.