Македонија
23. August 2019 - 16:57

Со притворот на Јанева се комплицираат предметите на СЈО - обвинетите од „Титаник“ бараат прекин на процесите

Притворот за Јанева ја парализира работата на СЈО. Обвинителката Лиле Стефанова открива дека специјалното обвинителство е во тежок период а со тоа му се дава можност на криминалот.

„СЈО во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби што ги имало од основањето до денес. Затоа апелирам, политичарите, сите чинители во државата да седнат и да го донесат Законот за јавно обвинителство за да немаме прекини на постапките, не само на оние што се дадени во суд, ние имаме сериозни истраги. Со неносењето на законот, немањето на овластување или поставувањето на прашањето дали имаме овластувања му даваме огромен простор на криминалот“, изјави обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова.

Сомнежот за вмешаност на Јанева во Рекет го одложи денешното судење за предметот Титаник. Според одбраната, Стефанова не може да го застапува обвинението бидејќи единствената надлежна од СЈО е во притвор.  

„Познато е дека Јанева е во притвор, како осомничена во „Рекет“. Постои  опасност таа да стори друго кривично дело бидејќи ова е еден од основите за кои и е одреден притворот “, изјави во судницата адвокатот Димитар Дангов.

Пратеникот Илија Димовски, кој е обвинет во Титаник се сомнева дека е можно и други предмети на СЈО да биле мета на осомничените во Рекет.

„Постои сомнеж дека и други предмети биле инфицирани со „Рекет“, како и дека и други политичари и бизнисмени биле користени за рекет, па затоа би требало постапките да запрат“ посочи Димовски.

Обвинителката Стефанова која го води предметот Империја каде осомничен е Орце Камчев вели дека согласно надлежностите ги превзема сите законски дејствија. Вели дека не се гледа на позицијата нов шеф на СЈО и ја отфрли можноста поради притворот на Јанева да пропаднат предметите кои ги застапуваат 10-мината обвинители.