Со поткуп уапсен вработен во УЈП во центарот на Скопје
Вработен во УЈП фатен со мито пред кафуле во центарот на Скопје. Очевидци за Сител велат дека службеникот кој бил редовен гостин, примил син плик од непознато лице со кое се чекал пред кафулето. Полицајците кои за време на целата акција седеле на една од масите реагирале веднаш. Осомничениот кога сфатил во каква ситуација се наоѓа, пликото го фрлил под нозете. Сепак, полицијата го забележала тоа. Побарале од него да го подигне од земја и го привеле.
Кога пристигна екипата на Сител, увидот беше завршен. Приведениот даночник стоеше пред кафулето со лисици на рацете. Целиот објект беше под засилено полициско обезбедување а пристигна и екипа на Брза Помош.
Од МВР се уште нема официјална потврда на оваа информација. Неофицијално, извори на Сител од истрагата откриваат дека станува збор за вработен во Управата за јавни приходи со иницијали Љ.С.
Неофицијално, во пликот имало пари кои на државниот службеник му биле дадени како поткуп. Колку пари примил и што за нив требало да направи полицијата не открива. Велат, деталите ќе ги соопштат по комплетирањето на истрагата.
Александар Спасовски – Сител Телевизија
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар