Македонија
20. December 2016 - 16:14

Со пари од ИПА ќе се реконструира Домот на културата во Секирник

Реконструирање на Домот на културата и изградба на објект за школата за ткаење во Секирник се главните приоритети кои ќе се реализираат преку проектот „Развој на туризмот во прекуграничниот регион Босилово-Грмен преку зачување на локалните културни традиции“ финансиран преку Програмата Интререг на ИПА фондовите меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

На денешната медиумска презентација, градоначалникот на Босилово Љупчо Колев, рече дека со проектот културните традиции треба да станат туристички вредности, привлечни за граѓаните.

- Очекуваме на подолг рок, проектот да донесе и егзестенцијална корист за дел од месното население. Обезбедени се 412 илјади евра, од кои 229 илјади за oпштина Босилово, а 182 илјади за oпштина Гремен. За нас е значајно што конечно КУД „Русалии“ од Секирник ќе добие свој објект каде ќе може да ги проучуваат знаењата за овој обичај кој е вистинска реткост за регионот, рече Колев.

Додаде дека и школата за ткаење на разбој ќе добие свој објект со што ќе се подобрат условите за негување на оваа традиција која на овој начин може да се пренесува и на идните генерации.

- Школата за ткаење на разбој постои веќе две години. Jа формиравме заедно со Здружението на граѓани „Унисоно“. Сега ќе бидат создадени предуслови за култрурна валоризација и истражување на ова наследство кое во oпштина Босилово успеавме да го негуваме и да го афирмираме на начин кој ќе донесе туристи и локален економски развој, рече Колев.

Од oпштина Гремен, Бугарија, велат дека ја продолжуваат долгогодишната соработка со Босилово, овој пат преку оската туризам.

- Од наша страна ќе ја реконструираме читалната која ќе биде наменета и за одржување на повеќе културни манифестации. Почнавме и со обуки за пренесување на традициите на помладите поколенија. Со реконструкција и опремување на ваквите центри, ќе ги натераме младите да доаѓаат и да ги посетуваат. Не само туристите да се запознаваат со уникатноста на нашите носии и традиција, туку и помладите да го научат тоа како културно наследство, рече градоначалничката на Гремен, Минка Капитанова.

Од досегашната меѓуопштинска соработка, двајцата градоначалници го истакнаа учеството на културно уметничките групи од Босилово на меѓународниот фолклорен фестивал во Гремен, како и соработката меѓу учениците од двете општини во насока на меѓусебно запознавање на традициите и кулинарските специјалитети.