Македонија
4. јуни 2016 - 9:43

Со испитот по мајчин јазик, почнува полагањето државна матура

Во сите средни училишта во Република Македонија денеска ќе почне полагањето државна матура, со тестирање по мајчин јазик (македонски, албански и турски) и литература, кој е задолжителен за сите пријавени кандидати.
 
За македонски јазик и литература се пријавени 10.730 кандидати, албански јазик и литература 5.424, а 428 ќе полагаат турски јазик и литература.
 
Како што соопшти Државниот испитен центар, државна матура годинава ќе полагаат вкупно 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование.
 
Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Македонија учениците екстерно полагаат три предмети. 
 
На 9 јуни ќе се полага испитот по математика за кој се пријавени 2.335 кандидати, а на 13 јуни во сите средни училишта ќе се полага странски јазик.
 
Како и во изминатите години, и оваа најмногу матуранти (15.353) избрале да полагаат англиски јазик, а за останатите странски јазици бројот на пријавени е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 114 кандидати, германски јазик 197, а руски јазик 32 кандидати.
 
На 15 јуни е закажано полагање по предметите: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.426 кандидати, историја 2.775, биологија 3.191, филозофија 4.230, хемија 344, физика 91 и естетика 188.
 
Сите испити почнуваат во 10 часот. Испитниот материјал се носи во училиштата на денот на испитите и потоа се враќа во Државниот испитен центар. 
 
Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.314 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи.