Бизнис
25. November 2015 - 19:55

Со информатички технологии до поголемо земјоделско производство

Поголема примена на информациските и компјутерските технологии е потребна за поконкурентно земјоделско производство. Во современи услови земјоделците на овој начин полесно можат да дојдат до навремени и точни информации, а ќе имаат и посигурен пласман на производите.

Додека пак со поголемата вклученост на ИКТ во оваа дејност ќе се врати интересот на младите да се занимаваат со земјоделие, со што ќе има нови работни места, а повеќе ќе се искористуваат и парите од европските фондови.

- Конечно треба да сфатиме дека земјоделството е гранка на иднината и дека без ИКТ не може да се добие квалитетно производство, потенцира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков. Имајќи предвид дека македонското производство главно го сочинуваат стопанство со мали производни капацитети, потребно е и корисно да се развијат соодветни ИКТ апликации. Сметам дека компаниите од ИКТ секторот вниманието треба да го насочат токму кон потребата на овие земјоделски стопанства кои се многу важен сегмент во секторот, рече Цветков

Следење на состојбите на почвите, автоматизирано млекопроизводство и електронскиот маркетинг и продажба на земјоделските производи се само некои од придобивките кои ги нудат иновативните технологии.

Информатичарите сметаат дека значително можат да им помогнат на земјоделците, особено во апликациите за искористување на европските пари.

Од следната година е планирано земјоделците електронски да ги поднесуваат  барањата за субвенции, а електронски да се одвива и наддавањето за доделување на државното земјоделско земјиште под закуп.