Македонија
30. November 2020 - 19:43

Со 3.000 амандмани опозицијата ја одложи комисиската расправа за измена на Деловникот

Со над три илјади амандмани опозициските партии застануваат против предлогот на Талат Џафери за онлајн работа на Собранието. ВМРО ДПМНЕ, коалицијата Алтернатива и Алијанса, како и Левица не се согласуваат со иницијативата на претседателот на Собранието, пратениците кои имаат добиено решение за изолација поради Ковид да гласаат од дома.

Амандманите се најдоа на денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, но работата по нив беше одложена откако албанските партии побараа превод.

Од ВМРО ДПМНЕ силно се противат на ваквиот начин на работа оценувајќи го како спротивен на Уставот.

Против онлајн работа се изјаснија и пратениците од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Обвинуваат дека власта ги урива демократските вредности во Собранието преку еднострана одлука за промена на Деловникот.

Спротивен став нудат од владејачката коалиција. Во време на пандемија ваквиот начин на работа е повеќе од потребен, велат пратениците од мнозинството.

Против носењето на ваквата промена ќе се борат ВМРО ДПМНЕ кои поднесоа илјада 350 амандмани во матичната комисија, коалицијата Алијанса и Алтернатива со 300 и Левица со околу илјада и 400 амандмани.