Свет
1. March 2016 - 14:22

Снежна бура ја блокира северна Јапонија

Снежна бура го погоди денеска северниот јапонски остров Хокаидо, предизвикувајќи хаос во сообраќајот и принудувајќи ги властите да затворат стотици училишта, јавуваат јапонски медиуми.

Најмалку десет лица настрадаа во сообраќајни несреќи, поврзани со невремето. 

Тоа е најсуровата снежна бура изминатите години во некои делови на островот. Затворени се околу 500 училишта и откажани се 157 возови и 140 летови. 

Бурата е придружена со ветрови со брзина до 148 километри на час во Еримо и 122 километри на час во Сапоро, главниот град на островот, соопшти Метеоролошката агенција.

Се очекува бурата да продолжи да беснее на Хокаидо и за време на ноќта. Упатени се предупредувања за силни ветрови, високи бранови и опасност од лавини.