Македонија
7. September 2020 - 16:43

Смртта на 35-годишната ресенчанка го врати стравот во градот

Смртта на 35-годишната ресенчанка која беше позитивна на Ковид 19 ги вознемири жителите на Ресен, со оглед на фактот што веќе подолго време беше смирена ситуацијата и моментално нема активни случаи во оваа општина. Ресенчани велат трагедија е што згасна уште еден млад живот, но и што зад себе остави две мали деца.

- Не стигна ни до болница, има мали деца. Досега немаше ништо, таман се опуштивме, сега се појави, пак се плашиме, сега ќе имаме и Јаболкобер, ќе биде терсене работата, вели жител на Ресен.

Градоначалникот на Ресен вели дека според информациите кои ги има, од симптоми имала само покачена температура.  

- Жената била на одмор со семејството, после 5-6 дена од одморот се јавуваат симптоми, повишена температура, веснаш се тестираше, излезе позитивна, после два дена нагло се влошува ситуацијата и за жал почина. Пациентката освен покачена температура, немаше друга симптоматологија, подобро тоа може да го каже матичниот лекар. Добив информација од Центар за јавно здравје дека поотесното семејство нема никакви симптоми, немаме активен случај, тие се во карантин, но немаат симптоми, изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Од Здравствениот дом во Ресен велат дека пациентката не е воопшто влезена во нивниот систем, само екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт. Од ординацијата на нејзиниот матичен лекар не упатија до Министерството за здравство, од каде пак ни ја испратија следната информација:

„Пациентката од Ресен, 35 годишна - обезна, според епидемиолошката анкета. Според епидемилогот од Битола, матичниот ја следел секој ден дома, а имала симптоми на лесна настинка. Починала дома, Итната медицинска помош при Здравствен дом Ресен информирала за починатата“, велат од Министерсвото за здравство. Таа почина вчера во раните утрински часови, а погребот беше извршен истиот ден.

Моменталната ситуација во Oпштина Rесен е стабилна, вели тој, после бранот на заразени.

- Последниот месец дојдовме до ситуација да немаме ниту еден активен, но тоа не значи дека не треба да се применуваат мерките за заштита особено во овој период, вели Гошаревски.

Гошаревски истакна дека ова е петти смртен случај поврзан со Ковид 19 во Ресен.