Македонија
11. April 2020 - 16:41

Случај Велес: Дали корона вирусот бил присутен уште пред неколку месеци?

Ова се остатоците од пожарот кој пред година и пол избил во домот на семејството Маноилови на улицата 4-ти јули во Велес. Во вакви услови живееле 79-годишната Катерина и нејзиниот син Ванчо кои на почетокот на неделава беа пронајдени мртви во својот стан откако соседите пријавиле дека во зградата се шири неподнослива миризба. Обдукцијата врз телата покажала дека старицата починала на 6ти јануари. Испитувањето на безживотното тело открило и присуство на корона вирусот со што 79-годишната жена се вброи меѓу последните починати кај кои е утврдено присуство на вирусот. Истовремено таа сега е меѓу првите заразени во државата или два месеци пред здравствените власти да информираат за присуството на Ковид-19 во државата. Првиот регистриран случај на заразен со корона беше пријавен на крајот од февруари. Станарите од улицата 4ти јули велат дека мајката и синот не патувале а ниту им доаѓале гости па не знаат како било можно жената да се зарази со вирусот. 

Министерот за здравство вчера потврди дека почината жена од Велес кај која посмртно бил земен брис, била позитивна на корона тестот. Рече дека не ја исклучува можноста вирусот да бил присутен во државата и порано бидејќи постоеле и асимптоматски носители на вирусот. 

Од итната медицинска помош во Велес велат дека двете безживотни биле пронајдени во напредна фаза на распаѓање. 

Во меѓувреме се зголемува бројот на луѓе кои преку социјалните мрежи пишуваат дека симптомите карактеристични за корона вирусот ги имале и во јануари. Подолго време им било потребно да закрепнат а по препорака на докторите биле лекувани со антибиотици.