Случај „Ивана и Катја“: Стојанче барал 30.000 евра за да се повлече од станот, сведочеше братот на Ивана

Како брат почувствував потреба да го довршам она што го почна татко ми. Се активира барањето за развод, а Катја и Ивана требаше да останат кај мајка ми во станот. Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе станот, ѝ барал 30.000 евра да му даде за да си оди, за што сестра ми побара од мене да ѝ помогнам.
Се согласив, ѝ реков дека мора да бидеме сигурни дека нема парите да ѝ се земат и ништо друго да не се случи - сведочеше денеска братот на сега починатата Ивана, која заедно со својата шестгодишна ќерка на 2 март годинава изврши самоубиство скокајќи од балкон во скопската населба Тафталиџе.
Како што посочи братот на Ивана, Александар Стојановски, таа била изложена на континуирани закани, уцени и страв од сопругот, обвинетиот Стојанче Јовановски, кој се обидувал да го преземе нејзиниот имот. Брат ѝ нагласи дека Ивана не се враќала доброволно кај сопругот, туку поради страв за сопствениот живот и за безбедноста на ќерката Катја.
Одговарајќи на прашања на јавната обвинителка, сведокот го опиша односот меѓу сопружниците посочувајќи дека по стапувањето во брак, Ивана постепено била изолирана од пријателите, а кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година семејството забележало значителни промени во нејзиното однесување.
-На крајот на 2024, почетокот на 2025 година, забележав промена во нејзиното однесување, особено во нејзините пораки на социјалните медиуми. Во тој период ми кажа дека има мали проблеми што ги решава и дека сѐ ќе биде како што треба. Од почетокот на 2025 до август престана да ми испраќа фотографии од Катја. На целото семејство ни стана сомнително дека нешто се случува. По настанот на автопатот во Штип, Ивана и Катја дојдоа да живеат во станот на мајка ми и тогаш Ивана почна да ни раскажува - посочи брат ѝ на Ивана пред судот.
Изјави дека Ивана му се доверила оти има сериозни проблеми и дека се сомнева дека обвинетиот фалсификувал документи за да го префрли станот на свое име, без нејзина согласност. Таа, според сведочењето, поседувала докази и се плашела за својата безбедност.
-Ми се довери дека има сериозни проблеми и ѝ треба помош да ги реши. Татко ми ангажира адвокат за да почне бракоразводна постапка. Ивана ми се довери за станот. Рече дека се сомнева оти обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност го префрлил станот на свое име. Ивана не била на нотар. Ова го знаеше и адвокатот што го ангажира нашиот татко. Таа рече дека има доказ и дека ќе му го даде на адвокатот, ама тоа не се случи. Рече дека има и дополнителни докази за некои активности на обвинетиот во нејзиниот телефон и дека се плаши. Ѝ реков да ги извади од телефонот, да ги стави на УСБ и да ни ги даде на мене и на адвокатот оти од тој момент сериозно се загриживме за неа - сведочеше брат ѝ пред судот.
Истакна дека Ивана живеела во постојан страв, дека нејзиниот телефон бил контролиран и дека добивала закани, меѓу кои и за наводен долг од неколку илјади денари. Таа, како што рече, размислувала да го пријави во полиција, но подоцна повторно се вратила кај него, што семејството не можело да го разбере.
-Ивана ни покажа пораки во кои Стојанче ѝ се заканува за некои 5-6.000 денари, кои му недостигале. Беше решена да го пријави во полиција за закани. По неколку дена, Стојанче беше фатен со дрога. Тогаш Ивана, на наше чудење, реши да се врати со Катја кај него дома. Тоа не можевме да го разбереме - рече Стојановски.
Додаде дека семејството се сомневало оти здравствените проблеми поради кои Ивана била хоспитализирана се последица на физичкото насилство. Братот на Ивана пред судот посочи дека обвинетиот поседувал оружје и ѝ се заканувал барајќи 30.000 евра за да се повлече од станот.
-Како брат почувствував потреба да го довршам она што го почна татко ми и се активира барањето за развод, а Катја и Ивана да останат кај мајка ми во станот. Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе станот, ѝ барал 30.000 евра да му даде за да си оди, за што сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив, ѝ реков дека мора да бидеме сигурни дека нема парите да ѝ се земат и ништо друго да не се случи - рече Александар.
Во однос на оставинската постапка по смртта на татко им, сведокот посочи дека Ивана не се појавувала на закажаните термини кај нотар, а комуникацијата со неа станала невообичаена поради што семејството се посомневало дека некој друг испраќа пораки во нејзино име.
-Се случуваше нешто чудно оти тоа не беше начинот на комуникација на Ивана. Ѝ реков дека треба да завршиме, да не се одолжува процесот, а во порака добив одговор дека таа преку суд ќе среди сите еднакво да ги добиеме деловите, дека не може вака и дека ќе се слушнеме преку адвокати. Дека Ивана треба да го земе автомобилот од татко ми. Така сфатив дека тоа го пишува некој друг затоа што сестра ми веќе знаеше дека ќе го поделиме имотот на 4 дела, автомобилот ќе го земе мајка ни, а пораките беа како некој првпат да слуша за тоа. Ова ми дојде многу сомнително - рече сведокот.
Поради закани дека ќе биде запален имотот на мајка им, семејството одлучило да ја прекине постапката за оставина оценувајќи дека безбедноста на Ивана е загрозена. - Сфативме дека ако продолжиме мојата сестра ќе биде во голем ризик со нејзиниот дел што ќе ѝ припадне, да располага некој друг. Вратата на станот на мајка ни во секој момент беше отворена за сите деца да се вратат дома ако имаат проблем - сведочеше братот на Ивана.
На прашање од одбраната дали Ивана доброволно се враќала кај сопругот, нејзиниот брат беше дециден дека тоа се случувало поради уцени и страв.
-Не. Покрај сите овие работи и уцени и закани и стравот за Катја, особено кога беше во болница и постојано ја бараше Катја, јас не сум убеден дека сестра ми доброволно се враќала кај Стојанче, одговори Александар.
Заканите, додаде, не биле пријавени во полиција бидејќи семејството очекувало обвинетиот да добие затворска казна за случајот со дрога, што би ѝ овозможило слобода на Ивана.
На денешното судско рочиште, исто така, сведочеше и наставничката на Катја, како и сосетка од зградата каде што живееле обвинетиот Стојанче Јовановски, неговата сопруга Ивана и шестгодишната ќерка Катја.
Сосетката Тања Спировска пред судот нагласи дека насилството го слушала во период од две години, а во два наврати повикала и полиција, но, како што рече, интервенциите завршиле без конкретен исход и со полициски закани кон неа за лажно пријавување.
-Во зградата константно слушавме тропање и викање. Една ноќ околу 2 часот, се слушаше гласот на Катја каде што вика „тато ќе ја убиеш мама“. Мислам дека и некои од другите комшии тогаш излегоа во ходниците. Два пати имам повикано полиција, се качувавме заедно по катовите да откриеме од каде се викањето и тепањето. Првиот инспектор беше коректен, запиша дека не се слуша, бидејќи во ходниците навистина не се слушаше ништо, провери во еден стан и замина. Вториот инспектор кога дојде беше многу дрзок, нервозен и лупаше по станови, по врати, прашуваше на кој спрат се, реков не знам, само знам дека се над мене. Тропаше на стан 60 ја бараше сопругата на комшијата, му велев дека не е тој стан, по што мене ми се закани дека ќе добијам кривична пријава за лажно пријавување, му реков „слободно одма напиши“ - сведочеше Спировска.
Посочи дека звуците од удирање со столици и гласовите на девојчето најчесто ги слушала од дневната соба во нејзиниот дом, поради што на полициските службеници им укажала дека насилството не се слуша во ходниците, туку исклучиво вертикално низ становите.
По последната пријава во полиција, Спировска рече дека им се извинила на комшиите за тропањето по врати од страна на инспекторот и напишала во Вибер групата на станарите дека „машкоста не се докажува со тепање“.
На прашање од Обвинителството дали слушнала за некои други вакви настани поврзани со Ивана и Стојанче, таа рече „од комшиите сум слушнала, можам да кажам дека од скоро сите комшии“.
По сведочењето, јавната обвинителка го повлече предлогот за сослушување на мајката на обвинетиот, Цветанка Јовановска, оценувајќи дека фактите се доволно разјаснети. На следното рочиште е најавена презентација на материјални докази.
МИА
Ново на Сител
-

Иран погуби младо момче кое учествувало во антивладините протести
-

Почнува примената на новиот возен ред на ЈСП „Скопје“ за дел од автобуските линии во главниот град
-

Савески: Одлуката за отповикување на овластувањата на обвинителката Ристоска не беше персонална, туку е од организациска природа
-

МФ: Извршен поврат на солидарен данок од 1,219 милијарди денари кон 119 компании
-

Мицкоски: Со 400 кV далновод од ТС „Битола 2” првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи
-

АРМ објави оглас за 300 нови војници
-

Првата пешадиска бригада го одбележува Денот на единицата
-

Случај Ивана и Катја: Наставничката сведочеше за семејното насилство и за последниот училишен ден на девојчето
