Македонија
10. јуни 2016 - 12:37

Словенецот Бартол нов шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Македонија

Словенецот Горазд Бартол е избран за нов шеф на канцеларијата за врски на Северно-атлантската алијанса (НАТО) во Скопје со што и официјално Словенија ја превзема највисоката позиција во претставништвото на најголемата воено-политичка организација во светот од страна на Бугарија, јави дописникот на МИА од Брисел.

На состанок што завчера се одржал во Воената команда „Шејп“ на НАТО во белгискиот град Монс за пополнување на сили на Алијансата по мисиите ширум светот, во рамки на редовното пополнување на трупи во делот на КФОР била и точката за пополнување и на повисоки позиции што ја вклучува и канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

Изборот паднал на Словенецот Бартол кој е морнарички капетан по чин, што е еквивалент на полковник во рамки на војничка пешадија. Инаку, досега, оваа функција ја извршуваше бугарскиот морнарички капетан Румен Радев, кој беше трет по ред претставник на Бугарија што ја предводеше НАТО-канцеларијата во Република Македонија.

Според она што е наведено на официјалната интернет-страница на канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, функцијата на оваа канцеларија и нејзиниот шеф и вработени е да ја советуваат Република Македонија и државните органи во однос на воените аспекти на реформата на безбедносниот сектор со цел да се придонесе за понатамошните евроатлантските интеграции и да се обезбеди поддршка за операциите предводени од НАТО во рамки на заедничката област за операции на Балканот. 

Инаку, на крајот на овој месец завршува мандатот на Румен Радев, а Словенецот Бартол ќе го завземе неговото место во периодот меѓу јули и септември оваа година. Со добивањето на шефовското место во претставништвото на Алијансата во Скопје, се покажува дека Словенија е дефинитивно земја што во последниот период значително се ангажира за влијание врз политиката во регионот, што се гледа и по се поочигледното именување на поранешниот шеф на дипломатијата на оваа земја, Самуел Жбогар за нов амбасадор и специјален претставник на Европската унија во Република Македонија. Со ова Словенците се покажува дека сакаат да бидат влијателен фактор на Балканот и пред се во Македонија.