Бизнис
22. July 2015 - 8:50

Словачка е против отпишувањето на грчкиот долг

Словачка секогаш ќе се спротивстави на каков било отпис на грчкиот долг, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, по седницата на неговиот министерски Кабинет, реагирајќи на изјавите на претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека на Атина треба да и се отпише дел од долгот. 

Фицо додаде дека ако Грција не ги исполни своите обврски, Словачка ќе биде меѓу првите земји што ќе побара нејзино излегување од еврозоната.

- Почнуваме да стануваме нервозни затоа што чувствуваме оттргнување од заклучоците усвоени на Самитот на еврозоната, на кој земјите се договорија да не се согласуваат со било какво намалување на вредноста на грчкиот долг, рече Фицо за словачкиот портал ХНонлајн.

ММФ пред неколку дена објави дека на Грција ќе и треба многу поголемо олеснување на товарот на долгот, отколку што предвидуваа партнерите во еврозоната, поради штетата која грчката економија и банките ја имаат претрпено во последниве неколку недели, кога банките беа затворени.

Земјите на еврозоната минатата недела, по долги преговори во Брисел се согласија за новите услови на финансиската помош на Атина, кои предвидуваат тврди реформи и кредит од постариот механизам за стабилизација на ЕУ.