Македонија
30. November 2022 - 21:16

Сликата на Пенушлиски не е веќе дел од изложбата на КИЦ на Бугарија

Делото „Галичник” повеќе не го краси Бугарскиот културен центар во Скопје. Како што побара авторот Илија Пенушлиски, оваа уметничка творба е симната од ѕидот и вратена во колекцијата на галичката ликовна колонија.

Сликата инаку беше дел од изложбата „Заедно“, отворена при промоцијата на новите простории на бугарскиот центар.

Во изјава за медиумите, од ликовната колонија „Галичник“ велат дека го почитуваат интегритетот и индивидуалниот став на секој автор, а сличен став имаат и од Министерството за култура, од каде додаваат дека до нив не пристигнала никаква реакција околу изложбата во бугарскиот културен центар во Скопје.

Еден од најреномираните македонски сликари огорчено реагираше откако од негови пријатели дознал дека неговото име и дело ќе биде дел од новите простории на бугарскиот КИЦ.

Во јавната реакција вели дека се додека бугарската политика не престане со навредливата и примитивни политика на негирање на македонскиот идентитет, секоја „културна соработка”, подвлекува Пенушлиски, ќе биде травестија.

„Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа. Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари“, реагираше Пенушлиски.

Инаку македонските дела во поставката се сопственост на Ликовната колонија „Галичник“, која брои над 500 дела од меѓународно признати уметници од целиот свет, а во однос на посочената творба, Пенушлиски вели дека ја насликал за време на Галичката ликовна колонија пред 20-тина години.

Од излогот на бугарскиот културен центар на барање на Пенушлиски е избршано и неговото име, кое беше запишано меѓудругите современи уметници од Македонија и од Бугарија.

Видеа од Македонија