Славески: Извршната власт има разбирање дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација

Извршната власт има разбирање дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација, кон нивото што се постигнува во еврозоната. Имавме средба со премиерот, му кажавме дека може да се најдеме во ситуација нашите цели да се конфликтни зашто секоја влада сака да го забрза растот, но во последните 4 - 5 години голем број политичари во светот ги загубија изборите токму поради незадоволството на граѓаните од високата инфлација, како што беше случајот со САД. Победата на Трамп, во краен случај, ја донесе незадоволството од високите цени и високата инфлација, рече денеска гувернерот на Народна банка (НБ), Трајко Славески.
Како што оцени Славески на работната средба во Стопанската комора, инфлацијата што ја прикажува статистиката е сосема различна од перцепцијата на граѓаните.
-За нив инфлацијата е 40 - 50 проценти. Пред 2,5 години миење автомобил беше 250 денари, а сега е 500 денари. Тоа е перцепцијата на граѓаните. Никој не верува дека инфлацијата е 2,5 или 3 отсто. Граѓаните, по моја проценка, имаат памтење од 4 до 5 години за нивото на цените. Мислам дека имаме разбирање кај извршната власт, дека им користи ниска инфлација. На среден рок ќе се стремиме инфлацијата да биде на ниво на она што е во еврозоната, потенцира гувернерот.
Според него, нема никаква мистерија како земјава успеа да го одржи фиксниот девизен курс од последната корекција во 1997 година.
-Тоа беше единствено зашто нашата стапка на ифлација во просек четвртина век не остапуваше од инфлацијата во еврозоната. Ако отстапува, ако имате акумулирање, полека губите од конкурентноста на економијата. Оттука, имаме разбирање од извршната власт дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација, кон она што се постигнува во еврозоната. Сега има отстапување, има отстапување и во каматните стапки, од политиките, но и за тоа има причини - опашките од некои поранешни однесувања, од глобалните движења и домашните политики се уште опстојуваат. Базичната стапка на инфлација е уште висока и опстојува, некаде околу пет отсто, објасни Славески.
Во однос на кредитирањето, тој порача дека НБ не е пречка за финансирање на бизнисот ако се нудат издржани проекти.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески повтори дека за компаниите се уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и компаниите, транспарентноста,...
-Борбата против корупцијата е врвен приоритет на Комората. Централната власт и другите власти знаат често да стават рака во џебовите на приватниот сектор. Сите се колнеме во транспарентност, а транспрентноста никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви,..., рече Азески.
МИА
Ново на Сител
-

ЗОИ 2026: Словачка се пласира во четвртфиналето, Шведска заврши трета во групата
-

Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа
-

Мицкоски од 62-та Минхенска безбедносна конференција: Пораки за партнерство и поддршка за евроинтеграциите
-

УЈП: Се приближува рокот за поднесување пресметки за доход остварен од работа во странство во 2025 година
-

Уапсени две лица во Скопје поради прикривање на регистарските ознаки
-

Приведени 15 возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана за управување возило и под дејство на алкохол
-

Извршен увид на местото на убиството во кумановско, постојат сомнежи дека осомничениот е поврзан и со други кривични дела
-

Католичкиот свет го одбележува празникот на Свети Валентин
