Бизнис
1. September 2016 - 13:22

СКСЗМ: Бизнисите од поплавените подрачја без државна поддршка ќе банкротираат

Стопанствениците од Стајковци, Сингелиќ и Арачиново бараат институционална поддршка преку ослободување од давачките и субвенции за да не ги затворат бизнисите. Револтирани се, велат, од владината одлука која предвиде проценка на штетите од поплавите само кај домаќинствата, а не и кај нив.

Како што рекоа денеска на прес-конференција во Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), најмалку седум милиони евра изнесува материјалната штета што ја претрпеле мал дел од фирмите во погодените подрачја, плус авансно платените 1,5 милион евра по основ на ДДВ, како и 1,3 милиони евра за царини и акцизи на стоката која е уништена.

Дополнително треба да се утврди колкави се вистинските загуби.

- Штетите од поплавите во Стајковци, Сингелиќ и Арачиново за најголем дел од бизнисите ќе значат банкрот. Институционалната поддршка изостана, а тие не се моќни сами да застанат на нозе. Сега е вистинско време државата да покаже дека се грижи за стопанството, да се направи план и да се предложат конкретни мерки за заживување на компаниите, истакна претседателот на Комората Неби Хоџа. 

Според него, посебно на удар се малите фирми, трговците-поединци и ДООЕЛ-ите. Не шест месеци, туку најмалку две години ќе им требаат за финансико стабилизирање и враќање во првобитната состојба.

- Добар дел од нив ја стопираа работата. Се чека одговор од институциите за да знаеме како да постапуваме понатаму, истакна Зијас Зекири од „Зимус компани“.

Нури Сулејмани од АД „Сингелиќ“ кој стопанисува со 700 хектари државно земјоделско земјиште, бара надлежните да ги регистриаат сите оштетни, независно дали се домаќинства или бизниси. 

- Неоправдано сме обесправени. Државата манифестираше различен аршин. На едни им ги исплаќа штетите, а другите не сака ни да ги евидентира, посочи Сулејмани во чија компанија се стопроцентно уништени површините, опремата, земјоделската механизација, објектите и стоката. 

И Рамадан Ферати од „С - маркет“ напомена дека без помош од државата фирмите не можат да опстанат. - Имаме штета од преку еден милион евра, а за веќе уништената стока авансно имаме платено 200.000 евра по основ на ДДВ и уште 250.000 евра за царини и акцизи, информира Ферати.

СКСЗМ предлага админситративни и даночни мерки за излез од настанатата ситуација. 

- Да се донесе владина одлука за вклучување на економските оператори од поплавените подрачја во институционалниот третман, да  почне процесот на утврдување на штетите од страна на релевантните институции и да се донесе одлука за степенот на покриеност на потенцијалните загуби на компаниите од овие подрачја, да се евидентира ДДВ-то и царината на оштетената стока и да се најде начин за враќање или ослободување од нив на компаниите кои ќе или нема да  увезуваат следниот период, соопшти Хоџа. 

Во случај да не се увезува во траење од шест месеци, Комората бара компаниите да бидат ослободени од данок на добивка или други давачки во износ на штетите. Истото важи и за царинските и акцизните давачки. Се предлага и четири до шест месеци субвенционирање на придонеси за вработените во сите компании.

- На компании кои имаат кредити во комерцијалните банки, Владата  да се појави како гарант и да обезбеди грејс период од шест месеци, МБПР да издаде нова кредитна линија за подрачјата погодени од поплавите со субвенционирана камата од - 2 процентни поени од комерцијалните кредити, од механизмите за итни случаи на ЕУ, Владата да оддели средства за обновување на бизнисите од погодените подрачја, а за малите бизниси да се воспостави шема на грантови преку УНДП, ЕУ и Агенцијата за вработување за доделување грантови во износ од 7-15 илјади евра за ликвидни средства  и опрема за работа, се исто така дел од барањата на Стопанската комора на северозападна Македонија.