Скрининг на средношколците - не е откриен ниту еден позитивен
Сите тестирани средношколци се негативни на Ковид-19. Ова се првите резултати од скринингот во училиштата, процес кој започна денеска и ќе трае две недели. Брис беше земен од над 160 средношколци, а први беа учениците од скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ и средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.
Целта е да се откријат асимптоматските случаи и со тоа да се намалат шансите за ширење на вирусот.
Медицинските техничари од Центарот за јавно здравје, кои се задолжени за тестирање на учениците, велат дека постапката е безбедна и безболна и ги охрабруваат учениците и нивните родители да бидат дел од скринингот.
Директорката на средното медицинско училиште во Скопје, каде денеска беа тестирани 95 ученици, вели дека немаат големи потешкотии за обезбедување согласност од родителите. Сепак има и такви кои не дале дозвола и најчесто се работи за деца кои веќе прележале Ковид-19.
Од Министерството за здравство не откриваат детали во врска соскринингот сè додека процесот целосно не заврши. Според планот, во текот на следните денови ќе се тестираат скоро 8.200 ученици во над 470 училишта во земјава. Скринингот прво ќе се спроведува во средните, а потоа и во основните училишта.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар