Македонија
3. јуни 2020 - 20:48

Скопје, Штип, Куманово и Тетово во карантин од утре во 21 до понеделник во 05 часот

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и донесе одлука за ограничување на движењето за време на претстојниот продолжен празничен викенд, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Полициски час од утре (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро ќе има во Скопје – сите скопски општини, во Општина Куманово, Општина Липково,Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре (4 јуни) во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.

Отстапките за од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.

Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови. Само во последното дененоќие се регистрирани 101 нов случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.