Македонија
18. September 2015 - 10:16

Скопје: Десет сообраќајки за 24 часа

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 10 сообраќајни незгоди.

Од нив, шест се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило.

Случена е и една незгода со последица тешка телесна повреда. Истата се случила околу 17 часот на влезот од бензинската пумпа лоцирана на ул. „Перо Наков“ во која учествувале патничко моторно возило „мазда“ и велосипед „макс“, управувани од граѓани на Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот кој со возило на Брза помош е пренесен во Ургентниот центар заради укажување на лекарска помош при што се констатирани тешки телесни повреди.

Во текот на изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се шест возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци, шест возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, односно се движеле со брзина поголема од дозволената, пет возачи го управувале возилото под дејство на алкохол, 13 возачи го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, како и пет пешаци кои поминале вон пешачки премин.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 69 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

По повод спојувањето на Т-Мобиле и Македонски телеком во еден правен субјект ќе се одржи културна манифестација на 19 и 20 септември на улица „11 Октомври“ пред Порта Македонија. Од овие причини, како и поради припремните активности на организаторот за сообраќај од вчера од 23 часот  затворени се улиците „11 Октомври“ и „Димитрија Чупоски“ на потегот од крстосницата помеѓу ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“ па се до крстосницата од ул. „Димитрија Чупоски“ и ул. „Даме Груев“, како и од излезот од Градски трговски центар и влезот кон Порта Македонија. Посочените улици ќе бидат затворени до 12 часот во недела.

Во рамки на Европската недела на мобингот од денеска од 16 часот па се до 16 часот во недела на ул. „Манаков“ пред ТЦ „Сити мол“ ќе се одржи културна манифестација „Балкан бајк фестивал“. Во овој период временски ќе се измени режимот на сообраќај по оваа сообраќајница.

Во недела со почеток во 9 часот во организација на  Сојузот на спортови во Скопје под покровителство на Град Скопје, Автомото сојуз и Европската унија ќе се одржи трка на пет километри. Стартот на трката е на семафорите кај „Рекорд“ на ул. „Димитрија Чупоски“, во продолжение десно по бул. „Климент Охридски“, лево по бул. „Илинден“, лево по ул. „Рузвелтова“, лево по ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ право по ул. „Димитрија Чупоски“ па се до семафорите кај „Рекорд“.

Исто така, по повод Денот на Општина Ѓорче Петров - 20 Септември, во времето од 9:30 до 10:00 часот ќе се одржи традиционален училишен крос по сообраќајниците низ општината, а по повод верскиот празник Мала Богородица во недела со почеток во 17 часот ќе се организира поворка од свештени лица и верници кои ќе се движат од црквата „Богородица“ по ул. „Филип Втори“ и ул. „11 Октомври“ до плоштадот „Македонија“ и назад по ул. „Кеј 13 Ноември“ до црквата „Богородица“. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.