Македонија
8. јуни 2020 - 16:56

Скопјани се вратија дома, над 600 непочитувања на полицискиот час за продолжениот викенд

622 прекршоци за непочитување на полициски час и 1.777 казни за неносење маска. Вакви се бројките од Министерството за внатрешни работи за периодот на карантин, што траеше 80 часа. Скопје, Штип, Тетово и Куманово беа целосно затворени за движење, додека жителите во остатокот од државата можеа слободно да шетаат секој ден од 5 часот наутро до 16 часот.

Министерот за внатрешни работи најави дека ќе биде покрената и дисциплинска постапка за случајот во општина Чаир, каде за време на полициски час работела продавница, граѓани си пазареле, а полицајците кои биле во близина не реагирале.

“Во однос на работењето на продавниците во општина Чаир, тоа е во надлежност на Државниот пазарен инспекторат, а во однос на полицајциските службеници кои не постапиле во однос на легитимирање на лицата кои пазареле во продавницата во Чаир, ќе биде покрената дисциплинска постапка и ќе се утврди евентуална нивна одговорност. Во општина Чаир за време на викенд карантинот 53 прекршувања на полициски час и 14 лица не носеле заштитна опрема”, изјави Наќе Чулев, министер за внатрешни работи.

Инаку, 80-часовниот викенд карантин го испразни главниот град. Само во четвртокот попладне Скопје го напуштија повеќе од 20.000 возила, што е дневен рекорд на патарините. Но, враќањето не се одвиваше со ист интензитет.

Во јавноста се пласираа информации дека додека Скопје живее продолжен викенд карантин, градоначалникот со друштво престојувал во неговата викендица на Маврово. За Шилегов, ова се спинувани информации од медиуми блиски до опозицијата.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, пак, реагираше на тоа дека Шилегов го поминал карантинскиот викенд во викендица во Маврово и дека распишал оглас за нови партиски вработувања во ЈСП.