Македонија
9. February 2019 - 16:07

Скандалозната програма за култура ќе биде ревидирана, Адеми попушта по бурата реакции од јавноста и уметниците

Сите одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани, вели во соопштение министерот за култура Асаф Адеми, по реакциите на јавноста за распределбата на пари за проекти од Годинашната програма на Министерството за култура.

Како човек и како министер за култура длабоко ги респектирам авторите, уметниците, институциите и сите оние кои делуваат во областа на културата и нема да дозволам овие резултати по Годишните конкурси да остават чувство на горчина и незадоволство кај луѓето од културата. Би сакал да ја информирам јавноста дека сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите, истакнува Адеми

Реакцијата на првиот човек во културата доаѓа по изјавата на премиерот Заев, кој најави дека ќе се поништи делот од Конкурсот на Министерството кој предизвика незадоволство во јавноста, а некои од проектите ќе бидат преразгледани.

На информацијата на премиерот дека ниту еден џез фестивал не доставил документи во процедурата за апликација се спротиставија некои од клучните работници од областа, велејќи дека тоа е апсолутна лага.    

-Секој поединечен искажан збор е неточен! Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви “информации“, иако притоа не би бил далеку од вистината, напиша Белопета на Фејсбук.

Реакциите не стивнуваат ниту кај политичките партии. Од ВМРО ДПМНЕ ја обвинија власта дека продолжува со системското уништување на културата, а според нив, објавената годишна програма е општ грабеж на пари и затоа неминовни се оставки на клучните луѓе

Според одбиените кандидати, очекувањата дека ќе има правилна распределба на пари не се исполнилниле ни оваа година.

Според програмата, без средства се оставени Скопскиот џез фестивал, Офф фест и Златно Славејче. Фестивалот „Таксират“ аплицирал за помош од шест милиони денари, а добил 500 илјади, додека познатиот ансамбл за игри и ора „Танец“ добил 150 илјади денари, во споредба со новоформираниот ансамбл за албански ора и песни, кој од Министерството доби 800 илјади денари.

Ваквата распределба на средства повлече и незадоволство кај уметничките работници. Театарската режисерка Зоја Бузалковска синоќа поднесе оставка од Советот за култура, а актерот Оливер Митковски, еден од четирите членови на комисијата што даде препораки и мислења за распределба на буџетот во Министерството за култура, доставил издвоено мислење поради несогласувања со изборот.