Македонија
2. September 2023 - 16:31

Сител сторија - Ацо Јовановски бие уште една битка да ги оствари своите права како инвалид и пензионер

Една деценија по прележан мозочен удар и сериозни здравствени последици, Ацо Јовановски од Скопје се уште талка низ институциите за да ги оствари своите права. 6 години му требаа за да добие инвалидска пензија и да им докаже на комисиите дека не е работоспособен. Сега две години бие битка и оди од врата на врата бидејќи пензијата не соодветствува согласно неговиот стаж. Зема помалку пари од тоа што му е загарантирано, но како што вика Ацо, никој не сака да ги увиди грешките и пропустите. Поради одземеноста на левата страна од телото, Ацо веќе е со инвалидка количка, но тоа не го спречува да ја бара правдата.

-Можеле да отворат Закон за пезиско и инвалидско осигурување, член 228 и таму пишува..21 година и 6 месеци стаж 46,7 проценти а тие се раководат по некои 43 проценти...не сакам да звучам тенденциозно и безобразно..ама во првостепена Комисија ми викаат кажете им таму...каде е тоа таму, вели Ацо Јовановски од Скопје.

На Ацо не му е јасно зошто и покрај приложените документи  секогаш добива исти решенија и никој не проверува дека има повеќе од 21 година работен стаж а не 19 како што пресметала првостепената комисја. Нејасно му е и што пониските институтции не ја почитуваат и одлуката на Врховен суд.

-И кај Врховен се имам обратено и искрено да кажам, почнав да барам и правда од судот во Стразбур...Не сакам ништо повеќе само тоа што е мое, што ме следува, и апелирам до сите лица кои се во ваква состојба, да не се помируваат само со тоа што е така дадено, вели Јовановски.

За неколку дена Ацо повторно е повикан на првостепената комисија во ПИОМ. Доколку не добие правда и пензија како што заслужува вели дека ќе оди и до судот во Стрсзбур. Ние побаравме став од Фондот за пезиско и инвалидско осигурување, но одговор не добивме.

Инаку Сител во 2019 година направи серија на стории за Јовановски кој преку медиуми требаше да покаже и докаже дека мозочниот удар му предизвикал сериозни последици и треба да добие инвалидска пензија. Во тоа време и надлежните од труд и социјала најавуваа реформи на системот за да не треба граѓаните да одат пред 10 врати за да остварат 10 права.

Промени нема а талкањето низ бирократските лавиринти останува секојдневие како што е и случајот со Ацо.