Македонија
13. July 2020 - 16:53

Сител на терен во Скопје - како гласаат болните и изолирани лица?

Материјалот за гласање е подготвен. Избирачкиот одбор од општинската во Гази Баба тргна во работна задача. На списокот имаа 11 лица заразени со Ковид 19 или во изолација кои се пријавиле за да го остварат своето гласачко право. Првата станица им беше четиричлено семејство кое живееше во станбена зграда. Пред влегување сите 5 члена кои беа здравствени работници мораа да облечат мантили, капи, маски, ракавици, визири.

Гласањето е брзо а гласачите се придржувале на мерките за заштита.

- Им даваме и ние маски, средство за дезинфекција, им овозможуваме тајност за гласањето, вели др. Милица Бубало од општинскиот избирачки одбор.

Во избирачкиот одбор кој го следеше Сител беше и сопругата на претседателот Пендаровски која вели дека била ангажирана по случаен избор.

- Како здравствен работник сум навикната на скафандери бидејќи на клиника работам со деца и секој пациент го третираме како Ковид позитивен, вели Елизабета Георѓиевска, сопруга на претседателот Пендаровски.

Во куќите гласачите можеа да го остварат нивното право во дворот. На чинот на гласање сите членови на избирачкиот одбор се вртат со грб обезбедувајќи тајност на процесот.

Еден член од тимот е задолжен за носење на гласачката кутија.

По гласањето членовите на избирачкиот одбор ја отстрануваат заштитната опрема и ја фрлаат во црна ќеса. За следното гласање користат нова.

Никој од гласачите, ниту пак од соседите не го попречуваше процесот на гласање.

- Немавме никакви проблеми, се се одвиваше во најдобар ред, вели др. Георѓиевска.

Петчлениот избирачки одбор со кој беше екипата на Сител за 11те гласачи искористи по 11 комплети заштитна опрема.