Македонија
10. September 2015 - 17:26

Сител и Медиа.мк истражуваат: Како скопските населби ги добиле своите имиња?

Најстарите сведоштва и археолошки пронајдоци тврдат дека Скопје е населен 4000 години пред новата ера. За првпат се споменува во документите на Птоломеј под древното име Скупи, кое го добил од пајонското племе Агријани кои го населувале овој простор. Прво бил логор на македонските легии, па римска колонија  за на крајот да прерасне во град на двете страни на Вардар. Името Скопје го добива по населувањето на словените, и останува до ден денешен. Но како скопските населби ги добиле своите имиња?

Аеродром го добила своето име по воениот аеродром кој се наоѓал во населбата а во 1941-та бил бомбардиран од страна на нацистичка Германија.

Чаир го добил своето име од Турците, кои кога се населувале во Скопје своите куќи ги граделе на левиот брег од Вардар. Во тоа време тој потег од градот бил ненаселен при што Турците го нарекле Чаир, односно ливада.

Населбата Драчево се претпоставува дека го добила името по “драч” односно трнливи и бодликави грмушки, и означува место каде има драч.

Тафталиџе потекнува од турскиот збор Тахталиџе што во превод значи маало со дрвени куќи.

Името на Капиштец е поврзано со потокот кој течел низ него односно водите кои вечно капеле на ова место.

Дебар маало настанало кога во овој дел од градот се населиле прогонети Македонци од Западна Македонија.

Ѓорче Петров е населба која често го менувала своето име. За време на српската окупација населбата се викала Анриево, подоцна со бугарската окупација била преименувана во Жостово, а по ослободувањето во 1945-та го добива актуелното име.

Автокоманда своето име го добива по завршетокот на првата светска војна за време на Кралството СХС бидејќи тој простор тогаш се користел за стационирање на транспортните единици.