Бизнис
25. јуни 2019 - 10:29

Сител дознава: Цените на роамингот во земјите од Западен Балкан пониски за 90%

Роамингот во земјите од Западен Балкан поевтинува за околу 90%. Од Агенцијата за електронски комуникации информираат дека новите цени за телекомуникациски и интернет услуги во роаминг ќе важат од 1 јули. Доколку се наоѓате во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија или Црна Гора и се јавувате во Македонија или во која било од тие држави, до сега за појдовен повик во просек се плаќаше по околу 64 денари за минута, а од 1 јули ќе се плаќа само 4,31 денар. За минута разговор во роаминг, ако повикот е дојдовен, од идната недела ќе се плаќа 2,46 денари, за разлика од досегашните 25 денари. Испратена порака од сегашните 14 денари се намалува на 2,21 денар. Најголемо поевтинување има за потрошен мегабајт интернет. Цените се намалени за повеќе од 99% и од досегашната просечна цена од 218 денари, мегабајт интернет сообраќај сега ќе чини денар и половина.

“На 24-ти минатиот месец Агенцијата објави одлука за намалување на цените. Еден месец јавна расправа токму денес помина и ние веќе ги имаме дефинирано цените. Генерално, корисниците треба да бидат задоволни. Можеби сè уште не сме на нивото како што е Европа, каде што апсолутно се растеретени меѓународните разговори но, сепак, како почетен момент е многу значајно. И да не заборавиме дека ова е првото намалување. Следното следува од наредната година. Така да, на крајот ќе стигнеме до нула роаминг помеѓу овие 6 држави”, вели Сашо Димитријоски, директор на Агенција за електронски комуникации.

За разлика од земјите од Западен Балкан, летово за роаминг во Грција нема да плаќаме помалку, иако ресорните министри од Македонија и Грција пред 4 месеци потпишаа меморандум со кој што веќе требаше да почне поевтинувањето на роамингот меѓу двете држави.

“Она што требаше и кај нас и кај нив да се направи, ние од наша страна веќе го завршивме. Имавме законски измени, кои што ни дозволуваат намалување на овие цени и денесовме таква одлука. Во Грција во меѓувреме се најавија нови парламентарни избори и тоа ќе го забави овој процес. Колку што знам, на 7-ми јули се кај нив изборите и формирање влада и функционирање на ново собрание...ќе значи дека летото ќе го поминеме со старите цени”, вели директорот на АЕК.

Поевтинувањето е дел од стратегијата за изедначување на цените со тие во ЕУ, каде услугите во роаминг не се наплаќаат повеќе отколку во матичната држава. Поевтинувањето ќе се одвива постепено, со цел во 2021 година целосно да се укине.