Жители на росоманското село Сирково денеска протестираат на постоечкиот патот Градско-Прилеп, барајќи пристап кон брзиот пат којшто е во изградба, како и асфалтирање на пристапните патишта до селото, кои сега се користат при изградбата на новата делница. Претседателот на месната заедница, Веле Коцев потсети дека проблемот е од 2015 година и засега над 500 жители кои постојано живеат таму, но и многу повеќе кои гравитираат во овој дел на росоманска општина.
-Во текот на денешниот ден треба да се сретнеме со министерот за транспорт и врски, Бочварски. Се надеваме дека ќе ги приближиме ставовите во врска со нашите барања. Доколку се изгради клучка кај нашето село, неа ќе ја користат меѓу другото и околу 80 проценти од жителите на општината. Сирково е второ по големина село после Росоман и за нас клучката е многу важна. Не сакаме да го гледаме новиот пат на околу двеста метра, а да вртиме со километри за да му се приклучиме, нагласи Коцев.
Тој додаде дека протестите ќе траат, се до исполнување на барањата.
Став во врска со ова прашање, до МИА доставија од Министерството за транспорт и врски.
-Во однос на барањата на жителите на Сирково, би сакале да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта веќе предложија решение за подобрување на пристапноста на експресниот пат Градско-Прилеп. На состаноците што се остварија со претставници од Министерството за транспорт и врски, ЈП за државни патишта и од делегацијата на Европска унија во Република Северна Макодонија, со преставници на Сирково, а со цел да им се излезе во пресрет на жителите, предложено е да се изгради регионален паралелен пат од втора категорија, со слични технички параметри како и регионалниот пат Градско-Прилеп, кој би се поврзал од јужниот влез во Сирково до јужниот влез во село Крушевица, велат од Министерството.
Оттаму нагласуваат дека барањето за жителите од Сирково за изградба на нова клучка на самиот експресен пат е неприфатливо, од неколку причини и тоа од безбедносен аспект за сообраќај, како и од технички аспект.
-Потенцираме дека безбедноста во сообраќајот е од примарно значење, што подразбира дека изградба на нова клучка надвор од сегашниот проект ќе доведе до загрозување на сообраќајот на експресниот пат, во смисла на минимално дозволено растојание помеѓу две клучки на патишта од оваа категорија, додаваат од Министерството.
Дополнително, појаснуваат оттаму, изградба на нова клучка кај Сирково не е остварлива и од технички аспект, со оглед на тоа што во моментот на таа точка има објекти кои не дозволуваат воопшто да се изгради клучка, земајќи ги во предвид геометриските параметри, експропријација, како и фактот што со сегашниот проект предвидената клучка веќе е изградена околу 70 проценти и се реализирани финансиски средства во износ од околу 180 000 евра.
Заради наведените причини, се додава, барањето на жителите на Сирково ќе доведе до финансиски импликации, односно кратење на финансиски средства за следниот период, од страна на Европската комисија, поради ненавремено завршен проект.
-Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта во соработка со делегацијата на Европска унија во Република Северна Макодонија, се отворени за разговори со жителите на Сирково, но воедно бараме разбирање, од причина што изградбата на нова клучка нема ниту техничка ниту финансиска оправданост, запазувајќи го пред се безбедносниот аспект во одвивање на сообраќајот, на трасата на експресниот пат, децидни се од Министерството за транспорт и врски.