Македонија
30. August 2020 - 16:35

Сините сливи скапуваат во овоштарниците

По две години повторно нема откуп за сината слива. Сливарите од Пијанец велат дека богатиот род и годинава ќе скапува по овоштарниците.

Ќе остане. Ете гледате таму како е фрлена. Берат луѓето нема на кој да дадат и ја фрлаат. Жално, Бога ми, жално, се мачиме вложуваме и на крај ништо- изјави АТАНАС АНГЕЛОВСКИ, СЛИВАР ОД С.ГРАД, ДЕЛЧЕВСКО

Моменталната откупна цена изнесува 12 денари по килограм, што е солидна цена ако се има предвид дека во 2018-та се откупуваше по 5 денари. Меѓутоа, сливо производителите реагираат дека им се прави селекција, односно, парадоксално откуп се врши само на оние кои имаат поголеми количини од 100 до 200 тони, а помалите не се интересни за трговците.

Тоа не е организиран откуп, туку е индивидуално, кој како има пријатели. Овие со шлеперите што доаѓаат откупуват поголеми колични. Ти што имаат помали количини се чудиме каде да ги пласираме. Фактички и не са мали количините, затоа што такви индивидуални производители што имаат мали количини се над 100тици - изјави  СЛАВЧО ДЕСПОДОВ, СЛИВАР, ДЕЛЧЕВО.

За да се спаси домашното производство, тие предлагаат Владата и ресорното министерство да издаде лиценци на фирми, кои ќе склучуваат договори со сливарите и кои ќе произведуваат  мармалад, џем или ќе работат како дестилации, кое ќе биде трајно решение за нивниот проблем.

Индивидуално вака, препуштени сами на себе, на милост и немилост на откупувачите, кои се договараат да ја намалат цената или чекаат да презрее сливата за да можат да ја откупат по поевтини цени, апсолутно не е решение.

Од лани им е укината и субвенцијата 3 денари по килограм за берење на сина слива, што автоматски ја намалува цената на 9 денари. Затоа некои од нив се одлучиле за намалување на површините.

Јас имам ископачено 2 декари. Гледаме дека од оваа гранка нема повеќе егзистенција- изјави ОЛИВЕР МАРИНКОВ, СЛИВАР ОД С. ГРАД, ДЕЛЧЕВСКО.

Во Пијанец годинава се очекува да бидат набрани 14 000 тони сини сливи.