Бизнис
17. March 2023 - 19:48

Синдикатот не отстапува од пресметката на потрошувачката кошничка

„Нема грешка во потрошувачката кошничка“ – синдикатите решителни дека нема да одат на средби за корекција, откако вчера Ковачевски и Бектеши рекоа дека ССМ ја сменил методологијата и инфлацијата сега ја смета двојно – и во цените на производите и како посебна ставка. Според истите параметри ја кроеле кошничката 12 години, секој месец, согласно податоците од државниот завод за статистика.

Синдикалната кошничка ја пресметува ССМ се со цел да покаже на креаторите на политиките, дека политиките се лоши. Не можеме да си дозволиме да седнеме на маса и да креираме политики по нивен терк на штета на грбот на работниците. Единствен проблем во пресметката е тоа што на владините функционери им пречи тоа што инфлацијата е изразена како посебен апсолутен износ се со цел тие да разберат дека граѓаните се се посиромашни“ – Слободан Трендафилов, ССМ

Откако од ССМ побараа Министерството за труд да ја смени објавата во Службен весник дека минималната плата ќе се зголеми во април, од ресорното министерство појаснија дека работодавачите се должни утврдениот бруто-износ од 29.739 денари, да го пресметаат и исплатат со платата за месец март, најдоцна до 15 април.

Во меѓувреме, анализите за тоа дали може да се замрзнат цените на јајцата, шеќерот и оризот се готови, а резултатите ќе бидат познати овие денови. Се следат и цените на овошјето и зеленчукот, вели вицепремиерот Битиќи.

Во овој временски период сите производи во овој сегмент, овошје и зеленчук, се увозни. Тие се раноградинарски и се уште мнозинството на количините коишто се потребни во нашата земја се увозни и ги следиме берзанските цени. Ако таму има пад ќе останеме на ставот којшто го кажав – ќе очекуваме трговците да ги намалат цените исто така“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Пазарните инспектори вчера на терен утврдиле неправилности во цената на млечните производи и тестенините. Колкумина се казнети ќе биде познато утре.