Македонија
30. March 2019 - 17:40

Синдикатот на Клинички бара појаснување од Филипче за приватното партнерство во болниците

Граѓаните да кажат дали треба да има затворање на болници или нивна регионализација, порачаа од Синдикатот на Клинички. Тие повторно реагираат на најавите на здравствените власти бидејќи според лекарите е нејасно дали ќе има спојување на здравствени установи или пак јавно приватно партнерство во системот. Синдикалците го прашуваат министерот Филипче, доколку има приватен газда во кочанската болница, од каде тој ќе обезбеди кадар ако сега е дефицитарен.

- Доколку нели не планираат да увезат од странство, тогаш кадарот сигурно ќе го обезбедат од клиниките. Со одлевање на таков квалитетен кадар тие ќе станат неконкурентни. Не сакаме уништување на нашиот кадар, вели Горан Беговиќ претседател на самостојниот синдикат на Клинички.  

Од Синдикатот на Клинички велат дека долгорочно, јавно приватно партнерство е штетно за државата, лекарите и пациентите. Министерот за здравство, пак, вчера убедуваше дека со овој концепт  пациентите ќе имаат можност да изберат каде да одат на лекување согласно своите пари. 

-  Многу се вложува меѓутоа очигледно е дека системот е така поставен да не е ефикасен и да не дава соодветни резултати соодветно на степенот на инвестиција. Тоа што сакаме да го постигнеме со моделите на јавно-приватно партнерство е да се ослободиме од непотребните трошоци, вели Венко Филипче, министер за здравство

За најавената физибилити студија за јавно приватно партнерство во болниците реагираа и од Хелтгрупер. Велат дека нема потреба од дополнителни трошоци бидејќи уште во 2007 година била направена медицинска мапа за рационализација на болничката инфраструктура. Инаку, како што потсетија од Синдикатот на Клинички, поради несогласување на жителите на општината во минатото не беше дозволено клуч на врата на болницата во Крива Паланка.