Синдикатите пред генерален штрајк по најавата за мерење на продуктивноста
Сојузот на синдикати пред одлука за генерален штрајк. Причина е колумната на министерот за финансии од која дознале дека наместо поголеми плати, административците ќе добијат методологија која ќе ја мери нивната продуктивност.
Синдикалците изразуваат жалење што министерот не знае дека ваква методологија веќе постои и уште еднаш повторуваат платите веднаш да се покачат за 2806 денари.
Министерот Бесими во последната колумна во која го образложува ребалансот на буџетот вели дека за плати и надоместоци се планирани 526 милиони евра или 9 милиони евра повеќе од иницијалниот буџет.
Овие пари се наменети за усогласување на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната и плата и за планираниот раст на платите во правосудството и полицијата.
„Во однос на реакцијата на Сојузот на синдикати во однос на покачувањата на платите во јавниот сектор ќе напоменам дека треба да се договори сеопфатна методологија со која ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор. Во оваа методологија ќе се вреднува продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата). Соодветно кога ќе се постави методологијата ќе се наменат и средства“.
Последната средба на владини претставници со ССМ беше на Први мај, веднаш по протестот на кој се појавија и вицепремиерот Битиќи и министерката Тренчевска. Тогаш синдилците добиле ветување за зголемување на платите за 2806 денари и за исплата на К15. Било договорено и потпишување на новиот колективен договор за јавниот сектор. До денеска нова средба нема.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар