Македонија
18. February 2023 - 16:39

Синдикатите од здравството со последен услов до Владата, ако во понеделник нема пари на сметка одат на протест

Кулминира револтот на здравствените работници поради неисплатените плати. Ако до понеделник до 15 часот нема пари на сметките на сите вработени во Клиничките центри и болници, во среда докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар ќе излезат на протест, без разлика и во вторник да им се пушти плата.

- Ние како што рековме, ќе почитуваме како што вети директорката на Фондот и до понеделник до крајот на работното време ќе чекаме да биде исплатена платата. Доколку платата не биде исплатена, ние во вторник ќе го свикаме ИО и Советот на Синдикатот и најверојатно во среда ќе договориме протест, независно дали во вторник ќе префрлат плата протестот во среда ќе се одржи, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничките центри.

Трпението е при крај и кај членството на најголемиот Синдикат при ССМ. Тие во понеделник ќе одлучуваат какви чекори ќе преземат, но доколку до тогаш до 12 часот на пладне не добијат гаранции дека платата ќе биде пуштена, не се исклучува идната недела да има генерален протест на вработените во сите Јавни здравствени установи.

- Како самостоен Синдикат од 10 февруари до сега го покажавме нашето трпение имајќи ја во предвид ситуацијата на блокираниот систем на ФЗО, но трпението е при крај и затоа како самостоен Синдикат на здравството продолжуваме да вршиме притисок за што побрзо изнаоѓање на решение, она што го бара нашето членство, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Во меѓувреме вработени во ГОБ “8 септември” своето незадоволство поради неисплатените плати ќе го искажат на протест во понеделник за време на паузата од 13 до 13.30.

Засега нема конкретна информација како ќе се исплаќаат платите, дали преку трезорот на Фондот доколку се воспостави контрола над хакираниот систем или пари ќе се повлечат од Централниот трезор на министерството за финансии.

Во четвртокот ФЗО побара сите ЈЗУ да достават податоци за вработените за да може да им ја исплатат платата, но од Синдикатот прашуваат зошто тоа не се направи порано кога знаеле дека системот им е хакиран.

- Дали ова бајпасирање не можеше да се направи и порано, да не се чекаше 16, праша д-р Каранфиловски од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Освен плати на вработените во Јавното здравство, не се исплаќаат ниту породилната, другите боледувања и рефундациите. Граѓаните се малтретираат за да добијат лек на рецепт, а фармацевтите се во хаотична ситуација.

За ова време, речиси две недели директорите на Фондот за здравство Магдалена Филиповска Грашкоска и Фатон Ахмети ниту еднаш не излегоа во јавност за да информираат што преземаат и кога ќе се реши оваа многу сериозна ситуација.