Македонија
29. April 2023 - 16:40

Синдикатите ги подготвуваат паролите за протест - во понеделник излегуваат на улица

Под паролата „Работниците се државата“ – сојузот на синдикати најави голем првомајски марш в понеделник. Во годината со највисока инфлација кога народот се радува на замрзнати цени, а функционерите добија енормно зголемени плати додека вработените чекаат две илјади плус, очекуваат масовност од сите градови. Ги повика сите останати синдикати, но и граѓани, работници, па и пензионери да го кренат гласот и да се приклучат на маршот.

Упатуваме апел до работниците да не празнуваат! Први мај не е ден кој се празнува, туку е денот кога пред 137 години работниците излегле на протест во Чикаго за да добијат 8 часовен работен ден. Тоа е под напад од страна на оваа влада и пратениците во собранието и треба да не обедини сите заедно. Ако не се доволни причини работниците да излезат кога функционерите добиваат 78% покачени плати, укинување на недела неработен ден и воведување 60 часовна работна недела, тогаш што е?“ – Слободан Трендафилов, ССМ

На улица излегува и КСС. Потсетуваат дека не им се заборавени ланските ветувања и велат дека не е фер државата за едни да биде мајка, а за други маќеа.

Лани при покачувањето на минималната плата, на нашите протести излегоа министрите и кажаа да почекаме до септември за да се усогласат платите затоа што имало рок од 6 месеци. Наеднаш во септември прогласија дека тие одредби од законот не важат, но важат нивните одредби за 78% покачување на нивните плати што не е фер. Затоа нашето мото е На скара пред влада, ќебапче за работникот затоа што само толку ни остана од нашите плати за први мај, а бифтек за власта. Протестираме и против кршењето на законите и колективните договори.“ – Благоја Ралповски, КСС

И покрај тоа што имаат исти барања, синдикатите излегуваат во различно време, и на различна локација. ССМ ќе маршира од 12, КСС ќе почне два часа порано. Секој од своето седиште ќе оди до Влада, а КСОМ ќе им се приклучи и на едните и на другите. Повикуваат на сплотеност, оти само така ќе успееле да победат.

Ние мораме да се обединиме, гледате како Владата настапува кон работодавачите. Тие веќе не бираат средства. Тие се здружени и ние мора да сме сериозни бидејќи од другата страна имаме луѓе коишто немаат пардон. Сакаат да глумат и влада и работодавачи, буквално ја преземаат улогата и на синдикат. Работата е сериозна, не можеме веќе да се прехраниме. Секој ден гледате што се случува. И сега ако ние направиме паралелен протест, секој ќе рече, со право, „ај бе овие гледајте ги, ќе се докажуваат кои се и што се“.“ – Марјан Ристевски, КСОМ

Незадоволството кај работниците се подгреа уште кога излезе нацрт-законот за систем на плати. Експресно реагираа сите синдикати и остро се спротиставија, барајќи итни измени и широка дебата. Овој закон беше најавен дека ќе стави ред во администрацијата, но функционерите самите си ставија ред пред да се донесе законот и не го укинаа нивното покачување од скоро 80%. А додека нашите работници си одат од земјава, власта решението го гледа во увоз на странци.