Синдикалците обвинуваат дека раководството на ЕСМ не им исплаќа средства, претпријатието тврди дека тужбите се причина за потегот
Синдикалците обвинуваат за незаконско стопирање на паричните текови од страна на раководството во ЕСМ. Од Самостојниот синдикат за енергетика, рударство и индустрија при Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека во последните две години се соочувале со сериозни притисоци и директен упад од работодавачот. Ги повикуваат сите надлежни институции да го испитаат случајот.
Синдикатот тврди дека се случило насилно префрлање на членовите во новоформираните синдикати без пристапници и без исписници, иако во тој момент биле единствен репрезентативен синдикат.
“Ако целта на ова раководство е да ја спречи слободата на синдикално организирање и дејствување, тогаш се поставува прашањето каде е правната држава, каде се загарантираните права со меѓународни конвенции, Закон за работни односи и колективни договори?”
Спорот меѓу синдикалците и раководството на ЕСМ чека разрешница во судниците.
“Се работи за спор што го води поранешниот синдикат со компанија АД ЕСМ. За тој спор веќе има судски процес, има дел одлуки. Дел од одлуките се извршни, дел се на повисоки судски истанци. Ние имаме документација, која што ја поткрепува нашата одлука за во тој период да го прекинеме исплаќањето на средствата, додека судски се решат споровите, а потоа ги исплаќавме редовно на синдикатот, кој што си е релевантен, односно репрезентативен синдикат на вработените на компанијата”, вели Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.
Досега се изречени пресуди во корист на Синдикатот во висина од околу 140.000 евра, а очекуваат штетата за фирмата да достигне до половина милион евра.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
