Македонија
16. September 2016 - 13:32

Симпозиум за бугарската драма и театар во Македонија

Во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка утре и задутре ќе се одржи прв научен симпозиум за бугарската драма и театар во Македонија. Ќе има 30-тина учесници од Бугарија и Македонија, кои ќе ја расветлат хронологијата на духовните поврзувања во театарската традиција.

Симпозиумот е во рамки на научноистражувачкиот проект „Европскиот театар и драматургија во Република Македонија од осободувањето до денес“ на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европска филмска, театарска и танцова академија – Скопје. Научно ќе бидат презентирани 30-тина национални драматургии, во театарската и издавачката дејност, кои оставиле длабока трага во нашата европска културна меморија.  Секоја учебна година ќе бидат презентирани по две драматургии. Годинава тоа ќе бидат бугарската и германската.

Најавени се обраќања на двајцата министри за култура и присуство на амбасадорот на Бугарија во Македонија Иван Петков и на амбасадорот на Македонија во Бугарија Марјан Ѓорчев.

Институтот за сценски уметности при УАУ ЕФТА ќе објави обемна антологија на бугарската драма на македонски јазик. Овој научноистражувачки проект е предвиден со реципроцитет, и за возврат Факултетот за театар при Новобугарскиот универзитет кон крајот на следната година ќе организира симпозиум „Македонскиот театар и драматургија во Бугарија“.